Унгарскиот премиер Виктор Орбан го призна поразот на парламентарните избори кои се одржаа денеска, со што се става крај на неговото 16-годишно владеење, откако проекциите покажаа убедлива победа на опозициската партија „Тиса“, предводена од Петер Маѓар.
Според делумните резултати објавени од изборната комисија, „Тиса“ е на пат да освои двотретинско мнозинство во парламентот со 135 од вкупно 199 пратенички места, што би ѝ овозможило длабоки институционални реформи. Партијата на Орбан, Фидеш, според истите проекции би добила околу 57 мандати.
Обраќајќи им се на своите поддржувачи во Будимпешта, Орбан изјави дека изборниот резултат е „јасен и болен“, додавајќи дека веќе му честитал на победникот.
„Резултатот од изборите сè уште не е конечен, но е разбирлив и јасен. За нас е болен. Одговорноста и можноста за управување не ни беа дадени. Му честитав на победникот“, рече Орбан додавајќи дека Фидеш ќе продолжи да делува како опозиција.
Петер Маѓар, исто така потрврди дека Орбан му ја честитал победата.
„Премиерот Виктор Орбан ми се јави и ми ја честиташе победата“, напиша Маѓар на социјалните мрежи.
Реакциите од Европа следеа веднаш. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека „Унгарија ја избрала Европа“.
„Срцето на Европа вечерва чука посилно во Унгарија. Земјата повторно го наоѓа својот европски пат“, напиша таа.
На улиците на Будимпешта беа забележани спротивставени реакции. Дел од поддржувачите на Орбан плачат во разочараност додека симпатизерите на „Тиса“ славеа оценувајќи дека земјата добива нова шанса.
Изборите се сметаат за политички пресврт со пошироки последици за Европа. Победата на Маѓар доаѓа по години обвинувања за корупција, економски притисоци и затегнати односи меѓу Будимпешта и Брисел.
Се очекува новата власт да го промени досегашниот курс на Унгарија, која под водство на Орбан често беше во судир со Европската Унија, водеше про-Руска политика и блокираше клучни одлуки, вклучително и финансиска помош за Украина.
Со двотретинско мнозинство, новата влада ќе има можност да спроведе значајни институционални и политички реформи, што може да означи почеток на ново поглавје во унгарската политика.
Инаку, Виктор Орбан е најголемиот поддржувач и партнер на македонската влада, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН на чело со премиерот Христијан Мицкоски. Токму во Будимпешта, азил ужива и поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во земјава е осуден на повеќегодишна казна затвор.
