Премиерот на Унгарија Виктор Орбан оди во посета на Грузија по победата на владејачката проруска партија „Грузиски сон“ (ГС) на парламентарните избори кои се одржаа во саботата. Орбан му честита на премиерот Бидзина Иванишвили за „убедливата победа“, пренесува Гардијан.
Прозападната опозициска партија Единственото национално движење“ (ЕНД) смета дека изборите се украдени. ЕНД повика на протести.
Според ОБСЕ, „забележани се тактики на заплашување, принуда и притисок врз гласачите, особено врз вработените во јавниот сектор и други групи, што предизвикува загриженост за способноста на некои гласачи да го дадат својот глас без страв од одмазда“. Сепак, во извештајот на ОБСЕ не стои дека изборите биле украдени или фалсификувани, како што тврди опозицијата.
Во соопштение објавено во неделата, потпишана заедно со Европската комисија, Високиот претставник за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел изрази загриженост за притисокот и заплашувањето на гласачите за време на изборите во сабота.
„Ја повикуваме Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно да ги истражат изборните нерегуларности“, стои во соопштението.
Борел исто така изјави оти Орбан не ја претставува Европската Унија (ЕУ) и покрај тоа што Унгарија моментално претседава со Унијата.
Во изминатите три децении, граѓаните на Грузија биле генерално прозападно настроени – анкетите покажуваат дека речиси 80 отсто од нив го поддржуваат влезот во ЕУ. Но, во изминатите години, владата сè повеќе покажува проруски тенденции, одбивајќи да ја осуди Москва за нејзината инвазија на Украина, меѓу другото.