Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европа „веднаш“ да ги укине санкциите за руските енергенси за да ја заштити својата економија од „една од најтешките економски кризи во својата историја“, која, според него, доаѓа како последица на војната во Иран, пренесува Гардијан.

Во одговор на предупредувањето на полскиот премиер Доналд Туск дека неодамнешните активности на Трамп и Орбан личат на „план од соништата на Путин“, притиснатиот унгарски лидер очигледно уште поцврсто застана зад своите повици за проруски пресврт во политиката на ЕУ.

„Треба да мислиме не на Путин, туку на нашата сопствена земја и на нашите народи. Наместо да поттикнуваш војна, сакај ја и спаси ја својата земја, Доналд“, му порача Орбан на Туск.

„Европа оди кон една од најтешките економски кризи во својата историја. Светот се соочува со сериозна енергетска криза. Европа е во голема опасност. Единствениот излез е да се укинат санкциите воведени врз руската енергија. Веднаш. Треба да мислиме не на Путин, туку на нашата сопствена земја и на нашите народи. Наместо да поттикнуваш војна, сакај ја и спаси ја својата земја, Доналд!“, изјави Орбан.

Коментарите на Орбан доаѓаат само 10 дена пред клучните парламентарни избори во Унгарија, при што анкетите сугерираат дека тој би можел да биде симнат од власт по 16 години владеење, во услови на растечко незадоволство од економијата и политичката класа во земјата.

Двајцата лидери, некогаш блиски политички сојузници, повеќепати се судрија во последните месеци поради повторените обиди на Орбан да блокира нови санкции против Русија и помош за Украина, додека неодамнешни медиумски извештаи укажуваат на блиски врски меѓу неговата влада и Москва.