fbpx

Орав: Збогум и помагајте му на СЈО

-

Евроамбасадорот Аиво Орав преку порака на својот твитер-профил и официјално се збогува од функцијата шеф на Мисијата на Европската Унија во Македонија.

Тој попладнево твитна „збогум“ (bye) со негова фотографија пред резиденцијата на ЕУ во Пржино.

Орав на функцијата амбасадор на ЕУ во Македонија беше именуван во 2012 година, а сега е делегиран за шеф на мисијата во Црна Гора.

 

Orav tvitЗа време на неговиот мандат во Македонија, Орав беше вклучен во решавањето на најтешките политички кризи во историјата на земјава, од кои најсложената, актуелната политичка криза, сè уште чека разврска по една година исцрпувачки преговори и по два договори.

Орав е оптимист дека условите од последниот договор меѓу политичките партии ќе бидат исполнети и дека до крајот на годината ќе се стави крај на политичката криза.

„Има неколку елементи што мора да се спроведат пред 31 август, кога лидерите ќе се сретнат и ќе речат „да, сè е направено“ и подоцна годинава да се оди на избори. Верувам дека никој нема да има никакво оправдување да се повлече од договорот и се надевам дека кризата ќе заврши оваа година. Друго прашање е што ќе се случи по изборите, бидејќи ова е само едно поглавје и она што треба да се направи сега се многу сериозни реформи за да се напредува кон ЕУ“, вели Орав во интервју за порталот „МКД.мк“

На прашањето кои се опасностите ако политичките партии не ги почитуваат роковите, тој вели дека „во тој случај повторно ќе има бескрајни преговори“.

Како најтежок момент во преговорите за излез од политичката криза, Орав ја посочува аболицијата на 56 политичари и нивни соработници од претседателот Ѓорге Иванов, за која вели дека била „нуклеарна експлозија која никој не ја очекуваше“.

„Зборуваме за земја-кандидат, а за да се приклучите кон ЕУ и да напредувате, би сакале да видиме демократски реформи. Овој акт од претседателот не може да се вклучи во оваа категорија… Тоа беше како нуклеарна експлозија која никој не ја очекуваше. Таа одлука ја одолжи многу кризата. Потоа, имаше многу моменти кога роковите не се почитуваа, што беше многу фрустрирачки и повторно многу доцнења… Мислам дека ќе се памети и ќе се анализира долго време“, вели Орав.

Околу изјавите на Иванов дека „македонските политичари треба помалку да одат во странските амбасади“, евроамбасадорот во заминување одговара оти смета дека „би било подобро ако претседателот на државата беше тој што ќе посредуваше во решавање на кризата во последните четири години“.

И кратењето на средствата од ИПА-фондовите од страна на ЕУ пред еден месец, Орав мошне експлицитно го поврзува со аболицијата.

„Овие пари, пред сè, одат до владата за инфраструктура, за јавна администрација, за екологија, за земјоделство, како и за граѓанското општество. Една од клучните работи е владеењето на правото. За жал, пред неколку месеци видовме нешто прилично интересно, негативно изненадување – аболицијата од претседателот, а потоа и парцијалното повлекување на аболицијата. Ова не е нешто што ЕУ го спонзорира овде, ако зборуваме за концептот на владеење на правото. Сакаме да видиме напредок и кога се случи кратењето на ИПА-фондовите, имаше многу различни причини зошто е тоа направено, но политичката ситуација беше еден од елементите, јасно. Но, морам да кажам дека изјавите во јавноста дека ЕУ не дава пари за вашата земја, воопшто не се корисни, бидејќи, како што реков, даваме 100 милиони евра годишно. Второ, не е многу корисно ако ЕУ финансира големи инфраструктурни проекти, а од медиумите добиваме впечаток дека овие пари доаѓаат од државата. Кога ги даваме парите, треба да бидеме сигурни дека се трошат коректно. Сега многу пари одат за судството, но видовме проблеми во реформите во судството, односно како се користат тие пари. Потоа дојде аболицијата, што беше навистина шокантно. Тоа не е нешто што ЕУ може да го прифати или да го разбере“, вели Орав.

За работа на Специјалното јавно обвинителство, Орав вели дека од аспект на ЕУ, развојот на настаните околу СЈО и финализирањето на негивата работа ќе биде еден од клучните тестови за демократијата во земјава.

„Се грижиме за тоа многу и многу внимателно набљудуваме како ќе продолжи тој процес. Има многу тешкотии и мислам дека политичарите треба да овозможат да се заврши работата на СЈО, сите државни институции треба да го поддржат СЈО како што го поддржуваат и Јавното обвинителство и само на тој начин е можно да се стави крај на кризата. Кога велам „поддршка“, мислам да не се прават опструкции на работата на СЈО, но повторно ќе кажам дека има многу емоции. Емоциите треба да исчезнат“, вели евроамбасадорот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...