fbpx

Општинските веб-страници се слабо „поврзани“ со граѓаните

-

Локалните власти треба проактивно да објавуваат што е можно повеќе информации на веб-страниците на општините, бидејќи тие во денешно време се главниот извор на информации за квалитетот на владеењето. Новите услови на живеење наметнати од пандемијата со ковид-19 создаваат потреба локалните власти да објавуваат повеќе податоци и континуирано да работат на создавање на нови канали за дијалог и соработка со граѓаните и другите засегнати страни.

Со ваква препорака до општините се обрати Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во нејзиниот извештај „Проценка на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија преку Индексот на отвореност“ за 2021.

Истражувањето е во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, со кои проценка на состојбата на доброто владеење на општините е направена помеѓу 1 јуни и 15 јули 2021 година, а ги опфати сите 80 единици на локалната самоуправа (ЕЛС), односно општини, и градот Скопје.

Извештајот од истражувањето покажува дека сите општини имаат функционални веб-страници, но значаен дел од нив се развиени на многу ниско ниво, дел не се на доменот gov.mk, а друг дел не ги задоволуваат барањата за кибер безбедност.

Фондацијата Метаморфозис препорачува дел од општините да го подобрат квалитетот на нивните веб-страници и да ги направат попогодни за корисниците. Голем дел од веб-страниците на општините сѐ уште не ги содржат основните информации кои се барани со закон; дел од нив, како општината Кривогаштани, не се регистрирани на доменот gov.mk; некои општини, како општина Илинден, имаат две веб-страници; дел од веб-страниците, како на општина Сарај, не ги задоволуваат барањата за кибер безбедност и голем број немаат функционални алатки за пребарување. Дел од општините не ги ажурираат редовно сите јазични верзии на веб-страниците, односно информациите не се објавуваат доследно и не се достапни на сите службени јазици на општината.

Општина Кривогаштани со ниска дигитална писменост на населението и помало користење на веб-страницата

Општина Кривогаштани е наведена како пример за општина што нема веб-страница регистрирана на официјалниот домен gov.mk. Но, како што стојат работите, оваа рурална општина поголемиот дел од својата комуникација и информирање на граѓаните повеќе го прави преку социјалните мрежи или преку телефон, а веб-страницата е помалку користена и посетувана од граѓаните во однос на другите форми на комуникација и барање услуги, објаснува Николче Папучкоски, Соработник за ЛЕР и партнерство во Општина Кривогаштани, којшто, покрај другите обврски е задолжен за дигитализацијата, за веб-страницата и профилите на општината на социјалните мрежи.

„Општина Кривогаштани е рурална општина со претежно постаро население, а иако има покриеност со интернет од два големи и два помали кабелски провајдери на интернет, сепак процентот на дигитална писменост е поприлично низок. Поголем дел од населението работи земјоделие и сточарство, а е од постарите генерации, бидејќи помладите или се иселуваат во странство или има внатрешна миграција, најчесто кон Скопје… Затоа и комуникацијата повеќе се одвива преку социјалните мрежи, преку страницата на Фејсбук, преку е-пошта, а најчесто, бидејќи сме мала општина – помалку од 5.000 жители, па горе-долу 80 отсто од населението се знаеме – главно и преку телефон ги информираме граѓаните за некои настани или постапки, и тоа е многу успешно“, изјави тој за „Мета“.

Општина Кривогаштани во Извештајот на „Метаморфозис“ има вкупен процент на отвореност од 17 отсто.

Откако поради неплатени обврски општината го загубила доменот gov.mk, ја направиле постоечката веб-страница. Таа е на доменот .com и се хостира на странски сервер, а и адресите што ги користат вработените во општината се на бесплатните сервиси, бидејќи со губењето на официјалниот домен, се изгубиле и емаил адресите на тој домен.

Сепак, вели Папучкоски, веќе извесно време секоја нова информација, известување или акт се објавуваат на оваа веб страница, за која, вели дека сакаат да овозможи целосен електронски сервис за граѓаните.

„Јас и уште една колешка сме ангажирани околу објавувањето содржини на веб-страницата, а сега поради одредени потешкотии, не можеме да дадеме точна бројка колкаво е користењето на веб-страницата, но од искуство може да кажеме дека е многу малку во однос на комуникацијата преку е-маил, преку Фејсбук-страницата… А таму имаме и директна комуникација со граѓаните, како и во голем дел комуникацијата преку телефон или лице в лице. Да повторам, нивото на информатичка писменост е релативно мала и иако ги нудиме речиси сите формулари и услуги и се обидовме да обезбедиме целосен електронски сервис, претежно работата со граѓаните се состои во личен контакт или преку Фејсбук. Но има и граѓани, иако мал број, што знаат да симнат од страницата некој формулар, но многу почесто или да ни побараат по телефон или е-пошта некоја услуга, да платат електронски, а ние потоа да го доставиме електронскиот образец што го бара странката“, објаснува тој.

Инаку, не е завидна ни ситуацијата на самата општинска администрација. Папучкоски објаснува дека најголемиот дел од техниката што се користи од општинската администрација е добиена преку разни проекти во кои соработувале вработените во Општината, а за помош за набавка на компјутери, печатачи, скенери, фотоапарати, честопати се обраќаат и до амбасадите во земјава.

Сепак, како што вели тој, направиле обид да ги поедностават работите за населението и за сопствениците на имот, некои во странство, некои во Скопје и другите градови да не мора да доаѓаат во општината за некоја услуга, па вовеле и електронско плаќање, но засега не е заживеано.

„Неодамна во соработка со една домашна банка на нашата веб-страница поставивме и портал за електронско плаќање со платежни картички, односно систем за безбедно плаќање што го раководи банката, но тој не се користи. Луѓето немаат доверба во таквото плаќање. Колку и да бидеме во склад со технологијата, населението слабо ги прифаќа тие начини.. Но јас сум оптимист дека за 5-10 години, кога сама демографската структура ќе се менува, ќе може да се менува и работењето“, објаснува Папучкоски.

Тој објасни и дека добиле понуда да ја вратат општинската страница на gov.mk ако се плати заостанатиот долг. Но, вели, тоа сега е во рацете на раководните лица и органи.

За подобрување на веб-страниците треба да се ангажира и централната власт

Општините треба да ја зголемат транспарентноста во нивното работење, а особено објавувањето на податоци во однос на одлуките кои ги носат градоначалникот и Советот, стратешките и планските документи, документите за следење и мерење на ефективноста на политиките и податоците во однос на финансиското работење. Веб-страниците на општините треба да бидат развиени на високо ниво за да претставуваат функционална и корисна алатка за посетителите. Тие треба да ги задоволуваат барањата за кибер безбедност и да бидат приспособени на потребите на корисниците, се посочува во извештајот на фондацијата „Метаморфозис“.

За некои од проблемите кои се појавуваат во врска со општинските веб-страници, веројатно нема доволно капацитети кај општинската администрација, или и пари, па тоа ја налага потребата да се вклучи централната власт, вели Гоце Арсовски од фондацијата „Метаморфозис“.

„Очигледно и логично е дека општините со многу мал буџет имаат значително потешка ситуација кога станува збор за редовно објавување, ажурирање и одржување на веб-страниците. Регулативата не зема предвид големина на општина (број на жители, работоспособно население, итн.) при формулирањето на обврските и задолженијата, а обврската што ја дава на сите е иста. Затоа државата би можела да им помогне на помалите општини за веб-страниците, да им се пружи континуирана техничка поддршка и помош од повисоките инстанци на власта – на пример, МИОА, и тоа од прикачување документи, ажурирање на самиот сајт, со ставање на новите плагини, на пример. Особено треба да се даде поддршка во отворањето на податочните сетови – и оние задолжителните, но и оние кои општините ќе ги одредат како приоритетни за нивните граѓани“, вели тој.

Забелешките што се дадени во извештајот на „Метаморфозис“ велат дека генерално веб-страниците на општините се ограничени во нивната функционалност и корисност. Повеќето веб-страници не се лесни за користење и посетителите често не можат лесно и брзо да дојдат до потребните податоци. Општините, генерално, објавуваат ограничени информации за нивното работење на веб-страниците. Најчесто објавуваат основни документи за работењето на општината како Статутот, Деловникот, органограмот, податоци во врска со членовите на Советот и слично. Многу мал број на општини на своите веб-страници објавуваат детални информации за јавните претпријатија и нивното работење.

„Општините треба да водат со пример – без разлика каков им е сајтот моментално, да покажат заложби дека ќе се трудат да објавуваат информации и документи“, апелира Арсовски.

Истражувањето покажа дека општините објавуваат многу малку податоци поврзани со процесот на донесување одлуки од страна на Советот и градоначалникот. Загрижувачка е бројката од 21 општина кои немаат објавено никакви податоци поврзани со процесот на донесување одлуки. Ова е значајна област која треба да се подобри бидејќи со поголема пристапност на информациите за одлуките на Советот и градоначалникот, навремено известување за нивната работа, граѓаните добиваат можност за вклучување во донесувањето на јавните политики на локално ниво, порачува фондацијата „Метаморфозис“.

Овие податоци се едни од најзначајните податоци кои општините треба редовно и навремено да ги објавуваат бидејќи директно влијаат на квалитетот на живеење во локалните заедници и овозможуваат следење на работата на градоначалникот и Советот од страна на граѓаните и заинтересираните страни.

Исто така, истражувањето покажа дека 12 општини го немаат објавено буџетот на општината на својата веб-страница. Само 10 општини имаат објавено граѓански буџет, со што се скратува можноста граѓаните, на едноставен начин, преку графикони и илустрации, да го разберат буџетот. Општините не објавуваат податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на Советот на општината.

За подобрување на состојбите, општините може да соработуваат со граѓанските организации, но и да инсистираат да добијат помош од државата.

„Општините, пак, за да се подобрат состојбите може да соработуваат со граѓанските организации на локално и на национално ниво. Дел од општините имаат веќе развиена солидна соработка, особено со локалните граѓански организации, но ретко ги вклучуваат организациите кога станува збор за стратешко планирање, планирање на буџетот, или за размена на знаења и вештини, за што пак граѓанските организации се особено спремни. Покрај тоа, општините можат и да притискаат за помош и поддршка од надлежните институции – МИОА, ЗЕЛС, Собранието, и други“, порачува Гоце Арсовски од „Метаморфозис“.

Од Метаморфозис потсетуваат дека над 31 единици на локалната самоуправа во земјата ја поддржаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Северна Македонија, со која се обврзаа да ги следат и почитуваат начелата и принципите на отвореност и да преземаат активности за континуирано подобрување на своите политики за транспарентност и вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...