fbpx

Општините во земјава повторно тонат во долгови

-

Вкупниот износ на пријавени обврски на единиците на локалната самоуправа во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски во Министерството за финансии со состојба на 31.12.2019 година изнесува 3,3 милијарди денари (53,7 милиони евра), открива Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Извештајот на усогласеност на Основниот буџет на Република Северна Македонија за 2019 година.

Ревизорите утврдиле дека во декември 2019 година, 12 од вкупно 81 општина во земјава биле со блокирана сметка. Вкупниот износ на доставени налози за извршување во Министерството за финансии изнесувал 1,3 милијарди денари (21,1 милион евра) или 40 отсто од вкупно пријавените обврски на општините, од кој 892 милиони денари (14,5 милиони евра) или 67 отсто се по основ на главнина, а останатите се за камати и други трошоци.

„Во член 39 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа е уредено дека доколку сметката на општината е блокирана подолго од шест месеци или во период од шест месеци континуирано секој месец или вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена надминува 80 отсто од реализираните приходи на основниот буџет на општината во претходната година, градоначалникот на општината е должен да донесе одлука за прогласување на финансиска нестабилност и за истото да ги извести Советот на општината, Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС“, се вели во Извештајот на државните ревизори.

Сепак, до периодот на ревизијата не била доставена ниту една одлука за прогласување на финансиска нестабилност, поради што Министерството за финансии нема формирано координативно тело за надминување на финансиската нестабилност на општините.

„Со цел потврдување на исполнетоста на условите за прогласување финансиска нестабилност на општините, доставивме прашалници до сите општини во РСМ. Со извршениот увид и анализа на добиените одговори од 57 отсто од општините, утврдивме дека до денот на ревизијата ниту една општина за која се исполнети условите за финансиска нестабилност, не донела одлука за прогласување на финансиска нестабилност, не ги презела потребните активности и мерки за надминување на истата, ниту пак ги има известено надлежните институции за преземање на дополнителни мерки за надминување на состојбата. Имено, согласно добиените одговори, 6 општини имаат блокирана сметка во 2018 и 2019 година и 2 општини во 2018 година“, се укажува во Извештајот на ДЗР.

Во него, се додава дека ваквата состојба овозможува општините да генерираат нови обврски по разни основи, да започнуваат нови капитални проекти, што може да влијае на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и да доведе до можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од Буџетот на РСМ како финансиска поддршка на истите.

Ревизорите информираат дека Министерството за финансии нема извршено надзор со цел утврдување на постоење на услови за финансиска нестабилност.

„Поради ваквата состојба се доведува во прашање и примената на член 47 став 2 алинеја 5 од наведениот закон, согласно кој глоба во износ од 5.000 евра до 10.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на градоначалникот на општината, ако не донесе Одлука за прогласување на финансиска нестабилност. Ревизијата смета дека потребно е да се преземат активности за воспоставување на надзор и контрола во делот на финансиската нестабилност кај ЕЛС“, пишува во извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...