fbpx

Општините “штедат” во споделувањето финансиски информации, само 10 општини имаат граѓански буџет

-

Македонските општини исполнуваат само 27 отсто од индикаторите за финансиска транспарентност, при што дури 12 од нив го немале објавено буџетот на нивните веб-страници, а само 10 единици на локалната самоуправа (ЕЛС) имале изработено граѓански буџет за 2021 година. Ова се дел од резултатите до кои дојде истражувањето на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, во чии рамки е направена проценка на состојбата на доброто владеење на општините за 2021 година. Истражувањето на општините траеше помеѓу 1 јуни и 15 јули 2021 година, а ги опфати сите 80 ЕЛС и градот Скопје.

Во делот на финансиската транспарентност, Фондацијата Метаморфозис во истражувањето заклучи дека општините треба да објавуваат повеќе податоци и информации за буџетот и трошењето на јавните пари бидејќи тоа придонесува за намалување на корупцијата, како и за обезбедување ефективно учество на граѓаните во процесите на буџетирање.

Притоа, во истражувањето се додава дека пристапноста до и видливоста на финансиските информации (буџети, завршни сметки, финансиски извештаи и јавни набавки) се законска обврска за општините и јавните претпријатија, но не сите ја исполнуваат оваа должност. Резултатите од ова истражување покажуваат дека општините не објавуваат податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на општинските совети.

Кога станува збор за финансиската транспарентност, скопската општина Карпош има најдобар резултат (58 отсто), додека најниско се оценети општините Теарце, Сарај, Студеничани, Сопиште, Пробиштип, Врапчиште и Арачиново, кои не објавиле никакви податоци за нивното финансиско работење во текот на периодот на истражување.

Што вели општината прогласена за најдобро рангирана?

Како општина со најдобар резултат, од Карпош за Мета.мк велат дека изминативе години е вложено многу во буџетската транспарентност, почнувајќи од креирањето на Граѓанскиот буџет до објавувањето во отворен формат на буџетските документи на karpos.gov.mk.

„На сите овие истражувања и рангирања кои се прават за општините не гледаме само како на контрола на нашето работење и оценка за тоа дали сме добри или лоши туку како нашата работа го олеснува остварувањето на правата на граѓаните. Секое ново рангирање нè мотивира да бидеме подобри“, појаснуваат од општина Карпош.

Тие додаваат дека објавеното истражување на Фондацијата Метаморфозис ги мотивира да бидат уште поотворени и да ја унапредат транспарентноста во секој сегмент од локалното живеење.

Во однос на Граѓанскиот буџет, од Карпош потенцираат дека е важно секоја општина да го има, поради тоа што не сите граѓани се стручни и обучени да можат да го читаат буџетот во традиционална форма. Од оваа скопска општина ги охрабруваат и другите локални самоуправи да го следат нивниот пристап, посочувајќи дека е важно граѓаните да знаат за што се трошат буџетските пари во текот на годината.

Во однос на прашањето дали големината на општината “игра” улога во степенот на финансиска транспарентност на самите локални власти, од општина Карпош велат дека општинските раководства треба да имаат енергија и волја да работат на овие прашања и да ги мотивираат општинските сектори да бидат проактивни, односно самостојно да објавуваат документи.

„Не значи дека општините кои имаат помал број на вработени се помалку ефикасни од оние со поголем број. Напротив. Ако постои добра организација на тимот, меѓусебна координација и соработка помалкубројните локални самоуправи можат да „нижат“ поголеми успеси“, велат од општина Карпош.

Што вели една од општините кои се најниско рангирани?

Мета.мк ја контактираше и општина Пробиштип, која годинава беше прогласена за една од најниско рангираните во под-областа финансиска транспарентност, во рамките на истражувањето спроведено од Фондација Метаморфозис.

Општинските власти од Пробиштип во одговорите велат дека објавувањето финансиски документи никогаш не било проблем за нивната општина, туку проблемот бил во тоа што на општинскиот сајт тие не биле ставени на истакнато место, туку во одделението за финансиски прашања.

„Започнавме иницијатива за преуредување на страната се со цел да биде подостапно односно повидливи за сите граѓани“, велат за Мета.мк од општина Пробиштип.

Тие изненадени од констатацијата и не се сложуваат со рангирањето на нивната локална самоуправа во делот на финансиската транспарентност, додавајќи дека меѓу првите општини Пробиштип имал направено веб страница и секогаш бил отворен за соработка.

Сепак, од општина Пробиштип велат дека Граѓански буџет во форма на табели секоја година објавуваат на веб страницата, но за подобро информирање на граѓаните, тие се подготвени да направат нивна обработка со графикони и илустрации.

„Имаме презентации на Буџетот, квартални извештаи, завршна сметка и на сите други измени и дополнувања на буџетот кои се снимаат и се објавуваат на локалната телевизија ТВ Протел а директно се пренесуваат и на локално Еко радио. Со тоа сите граѓани се информирани детално за сите дискусии и одлуки кои се усвојуваат на Советот“, додавајќи дека сите донесени одлуки и извештаи дополнително се објавени во Службен гласник на Општина Пробиштип, кој се објавува на општинската веб страница.

И покрај тоа што од општина Пробиштип велат дека меѓу првите во земјава имале спроведено форум во заедницата за донесување на буџет, тие се залагаат за подобрување на нивното рангирање на Индексот на отвореност, ветувајќи дека ќе преземат мерки во иднина и додавајќи дека во овој индекс влегуваат и други информации, а не само оние за под-областа финансиска транспарентност.

Има голем простор за подобрувања на финансиската транспарентност

Од Фондацијата Метаморфозис во истражувањето за 2021 година се заклучува дека општините треба да објавуваат повеќе финансиски информации – квартални и годишни финансиски извештаи, информации или линкови за финансиското работење на јавните претпријатија, алоцираните средства за граѓански организации, податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на советот на општината.

„Дел од општините треба да ја унапредат отчетноста во објавување информации поврзани со јавните набавки, односно да ги објавуваат плановите за јавните набавки, повиците, одлуките, договорите и анексите“, се наведува во истражувањето.

Од Метаморфозис потсетуваат дека над 31 единици на локалната самоуправа во земјата ја поддржаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Северна Македонија, со која се обврзаа да ги следат и почитуваат начелата и принципите на отвореност и да преземаат активности за континуирано подобрување на своите политики за транспарентност и вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

Отвореноста на единиците на локалната самоуправа претставува клучен услов за демократија, велат тие.

Благица Петрески, извршна директорка на Finance Think за „Мета.мк“ вели дека финансиската транспарентност на општините е значајна како од аспект на информирање на даночните обврзници кои го полнат општинскиот буџет, така и од аспект на информирање на граѓаните за која намена се трошат средствата.

„Објавувањето на Завршната сметка за претходната календарска година е законска обврска, иако и тие информации не се објавуваат секогаш. Дополнително, информациите во Завршната сметка нудат ограничени можности за анализа, затоа што се на трицифрено ниво, деталите за приходните ставки, како и трошењата се согледуваат од шестцифрено ниво, а за некои подлабински информации, потребни се и дополнителни податоци“, објаснува Благица Петрески.

Таа додава дека освен обемот на податоците, значаен е и форматот во кој истите се објавуваат, како и постоењето на временски серии за повеќе години.

„Често, податоците се во необработлив формат (ПДФ формат) и многу кратки серии, за последните две до три години. Сето тоа, го отежнува развојот на анализи на општински ниво, кое пак понатаму го поткопува капацитетот за креирање на локални политики базирани на докази“, вели таа.

Finance Think во изминатиот период исто така работеле на финансиската транспарентност и парафискалните давачки на локално ниво. Па така, врз основа на тие податоци, неодамнешните анализи од нивна страна покажаа дека општините се во голема мера зависни од централниот буџет, во просек 76 отсто од вкупните приходи доаѓаат од трансфери од овој извор. Ова е релевантно како за моменталните измени на законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, така и за среднорочната одржливост на општините.

Врз база на податоците, Finance Think идентификувале дека приходите по основ на надоместоци за уредување на градежно земјиште се втората најголема категорија на приходи за општините, а истовремено приходите од сопствени даноци (даноци на имот и наследство) имале релативно мало учество во вкупните приходи. На ваков начин, анализирани податоците ја даваат и реалната слика колку една општина е во можност да креира развојни политики, но исто така и какви политики може да се очекуваат.

„Оттука, финансиската транспарентност на Општините, не е цел сама по себе, таа е алатка која треба да овозможи и да придонесе кон поефикасно прибирање на приходите но и максимизирање на ефектите од потрошените средства“, појаснува Благица Петрески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...