Министерството за транспорт и врски го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС) софтверскиот систем „е-Градежно земјиште“ кој треба да го користат општините во Македонија.
Оваа софтверска програма има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на државата.
Премиерот Зоран Заев рече дека, пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти, ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните.
– Со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво – рече премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека овој сервис кој е во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт.
Со програмата „е-Градежно земјиште“, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите.