Општините мора да ги прашаат и да ги слушаат младите кога креираат еколошки политики

Фото: Мета.мк

Младите да ги креираат политиките за заштита на животната средина на локално ниво, да поведуваат иницијативи и да се вмрежуваат и едуцираат, а нивниот глас да биде слушнат и ценет од страна на општинските власти и совети. Ова е целта на проектот „Младински активизам за позелени општини” кој ќе го имплементираат Македонското здружение на млади правници, здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „Гоу Грин“, Центарот за климатски промени и Здружението на млади „Креактив“. Проектот беше промовиран денеска во Europe House во Скопје, во присуство на заменик министерката за животна средина Христина Оџаклиеска, Адриана Мику, програмски менаџер во Делегацијата на ЕУ, претставници на институции и локални самоуправи и млади европски амбадсадори.

Иако младите се и сегашноста и иднината на општеството и иако тие треба да се двигателите на промените и творците на креативните идеи како одржливо да се развиваат општините и како успешно да работат на заштитата на животната средина, сепак во пракса нивното учество во креирањето на локалните политики не е доволно.

Според Ангела Шумковска од Македонското здружение на млади правници, истражувањето кое го спроведе здружението покажува дека и по три години од донесувањето на законот за младинско учество и младински политики, само 16 општини во земјава имаат формирано Локални младински совети.

„Констатиравме дека младите под 30 години се вклучени во носењето на одлуки поврзани со урбанистичкото планирање само во 15 општини. Тие или не се информирани како да се вклучат или пак сметаат дека општините немаат волја да ги вклучат. Голем дел од нив имале иницијативи за заштита на животната средина во своите локални заедници, но не биле многу успешни. Целта на нашиот проект е да постигне поголемо учество на младите, но и нивно поголемо влијание во креирањето политики на локално ниво“, вели Шумковска.

Од Здружението на млади правници апелираа до сите младински претставници од институциите и од граѓанскиот сектор, како и до сите млади, да се вклучат на проектот и со своето учество да придонесат кон зајакнување на позицијата и капацитетите на младите во заштитата на животната средина. Улогата на Здружението е да им помогне да ја разберат и совладаат законската регулатива за животна средина и да едуцираат млади правници кои ќе им помогнат на младинските активисти и организации успешно да ја спроведуваат.

„Ќе работиме на тренинг програма со млади правници со акцент на еколошкото право и целта е да се обучат за давање квалитетна правна помош. Тие ќе бидат вмрежени со младите активисти за да делуваат заеднички преку воспоставувањето на канцеларија за еколошки активизам“, посочи Шумковска.

Во рамките на проектот, што ќе се спроведува три години, ќе биде создадена едукативна платформа со два модули, од кој едниот ќе биде насочен кон климатските промени, а вториот кон еколошкиот активизам и учеството во донесувањето одлуки.

„Платформата ќе биде создадена според потребите на младите и според потребата за нивно вмрежување. Целта е организациите да станат посилни и погласни во своите барања за промени во нивните општини. Првите онлајн курсеви ќе бидат организирани наесен, а се надеваме дека ова ќе биде основа и модел што ќе може да се реплицира во сите општини. Сакаме да се активира еко активизмот и младите да бидат слушнати и консултирани, а крајната цел нѝ е да создадеме позелени општини“, вели Мила Јовановска од „Гоу Грин“.

Според Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, оваа организација ќе работи на изработка на Прирачник со кој на младите и нивните организации ќе им се помогне да разберат што е Поглавјето 27 и кои се обврските кои произлегуваат од него.

Европските политики за заштита на животната средина ние имаме обврска да ги преземаме во законите, но тие мора да се приближат до младите за да ги разберат, но често мора да им се разјаснат и на општинските административци. Многу општини во земјава имаат само по еден службеник во овие одделенија, кој има премногу обврски, па тие самите немаат време ниту ресурси да истражуваат. Овој Прирачник треба да им помогне за сите заедно да ја постигнеме крајната цел да оставиме почиста иднина на младите, рече Стојановски.

Во рамките на проектот ќе бидат организирани осум регионални средби во секој регион од земјава, на кои младите ќе можат да се сретнат со градоначалниците и да ја остварат првичната комуникација.

За пратеничката Моника Зајкова, координатор на Клубот за младински прашања и политика во Собранието, младите се иднината, заради што мора да се активираат Локалните младински совети и да работат на заштитата на животната средина. Таа посочува дека на локално ниво веќе гледаме еко акции организирани од младите, кои се позитивен сигнал, но со кои не се решаваат проблемите системски. Смета дека нѝ треба Национална стратегија за прилагодување кон климатските промени и тука ја гледа улогата на младите и локалните совети кои треба да поведуваат иницијативи и решенија.