Со подигнување на ромското знаме на јарболот пред општинската зграда, во присуство на градоначалникот Илија Јованоски и претседателката на Советот, Елена Ташковска, денеска во Прилеп, се одбележа Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Градоначалникот Јованоски по тој повод, упати честитка до сите граѓани на ромската заедница и го акцентираше значењето на јакнење на мултикултурните и мултиетнички релации во нашето општество.
„Општина Прилеп ги почитува традицијата и културното наследство на Ромите, притоа негувајќи ги хуманоста, еднаквоста и солидарноста, вложува максимални напори за создавање услови за подобар живот на своите сограѓани. За градење современо демократско општество, мошне значајно е градењето на мултикултурна и мултиетничка заедница на граѓани со еднакви права и можности“, рече градоначалникот Јованоски.
Во Општина Прилеп според последниот попис од 2002 година живеат 4.433 Роми, а според неофицијалните проценки на локалните невладини организации застапеноста на Ромите од вкупното население изнесува од 6.000 до 8.000 Роми.
„Во последните години во Општина Прилеп се забележува напредок во поглед на инклузија и вклученост на Ромите во општеството, подобрување на економската состојба и зголемување на стапката на вработеност во приватниот сектор, како и одреден напредок во однос на социјалната и здравствената заштита согласно специфичните потреби на заедницата. Сепак и понатаму постојат предизвици во кои главно се однесуваат на инфраструктурното уредување во населба Тризла каде живее мнозинско ромско население, зголемување на опфатот на Ромите во средно и високо образование, застапеност на Ромите во државниот и јавниот сектор, како и конкретни заложби за намалување на дискриминацијата во општо прифатениот дискурс на јавното живеење“, истакнуваат од невладината организација „Станица Пет“.