fbpx

Општина Тетово воведе зонско паркирање, половина на улица половина на тротоар

-

Отежнато е минувањето за пешаците по тротоарите во горниот дел од улицата „120“, кај Зеленото пазарче во Тетово, бидејќи покрај узурпацијата од страна на тамошните продавачи, Општина Тетово со согласност на СВР Тетово воведе зонско паркирање кое половината е на тротоар. Од СВР Тетово велат дека пред да биде ставен во функција, ќе се провери дали паркингот е направен според дадената согласност, а доколку не е, ќе има соодветни поднесоци, пишува Порталб.мк.

На овој дел на улицата, Општината има исцртано 30 паркинг-места, а наплатата се очекува да почне на 1 октомври.

Новинарот на Порталб.мк вчера беше на терен и посведочи дека ситуацијата е многу несредена. Жителите што таму ги сретна, велат дека паркинг-места се потребни, но не такаа како што се нацртани таму. Велат дека во некои делови преминот за пешаци е тесен. Тротоарот се блокира и од новиот паркинг и од продавачите кои ги поставуваат своите производи на тротоарот. Општината треба да го забрани тоа, велат граѓаните.

Претходно, возилата на оваа улица се паркираа непрописно, бидејќи таа има само две коловозни ленти. Сега, наместо да ја спречат оваа појава и да обезбедат слободно движење на граѓаните, Општината и СВР уште повеќе ги блокираат жителите со овие импровизирани решенија, претворајќи половина од тротоарот во паркинг, посочува „Порталб“.

Зонски паркинг на улица „120“ во Тетово, Фото: Фисник Џелили/Порталб

Законот за безбедност во сообраќајот, конкретно членот 66, вели дека доколку е дозволено паркирање на тротоар или патека, мора да се остави површина широка најмалку 1,6 метри за движење на пешаците и оваа површина не може да биде блиску до работ на коловозот.

Аријанит Џафери, од граѓанскиот сектор, повикувајќи се на горенаведениот Закон, вели дека во Тетово недостигаат паркинг-места, но има и значителен недостиг на простор за пешаци.

Според него, секое „законско узурпирање“ на пешачкиот простор од страна на надлежните, со цел тој да се претвори во паркинг простор за возила е погрешно и апсурдно.

„Современите градови имаат за цел да бидат подостапни за пешаците и да изнајдат начини колку што е можно повеќе да ја елиминираат употребата на возила во градските средини, додека Општина Тетово со овој потег го прави спротивното;, попречувајќи ги пешаците и создавајќи вакви „паркинг места“, поттикнува употреба на возила. Дополнително, ваквата одлука е спротивна на законот за безбедност во сообраќајот“, рече Џафери.

За истиот случај реагираше и општинскиот советник од ДПА, Висар Палоши.

„Наместо да поставуваат патеки за велосипеди или скутери или да градат катни гаражи, градоначалникот ЈП „Градски паркинг“ Тетово го прават спротивното и ги заменуваат тротоарите со паркинг-места за возила. Тоа докажува дека тие се заинтересирани само да профитираат што повеќе од овој тип на бизнис, а не за слободното движење на граѓаните“, рече Палоши.

Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово информира дека во јуни годинава, по барање на Општина Тетово, по што е доставена потребната документација, дал согласност за проектирање на паркинг простор на одредени места на улицата „120“ во Тетово.

„Но, доколку се утврди дека обликуваните паркинг-места не се во согласност со прописите и законските предвидени критериуми и основниот проект за сообраќај, против инвеститорот и изведувачот ќе биде изготвен соодветен поднесок“, изјави Фатмир Реџепи од СВР Тетово.

Од Јавното претпријатие „Градски паркинг“посочуваат дека не се одговорни за означување на истите, бидејќи тие управуваат само со паркинзите што ги подготвува Секторот за комунални дејности во општината.

Од Општина Тетово на прашањето за паркингот, од кој половина е на тротоар, велат дека тоа е направено согласно утврдените стандарди. Не преземаат одговорност за блокирање на слободното движење на граѓаните.

„Во однос на вашите прашања за создавање на зонскиот паркинг на улица 120, Општина Тетово, Секторот за комунални дејности, изведе сообраќаен проект согласно сите стандарди, вклучително и дозволите одобрени од надлежните органи“, соопштија од Општина Тетово.

Инаку, на Тетово итно му требаат нови паркинзи. Досега актуелното раководство нема создадено нови паркинг-места, само е направена пренамена или импровизација на постојните паркинзи во зонски паркинзи (со наплата), каде граѓаните се паркираа и порано, но не плаќаа.

Тетовскиот градоначалник, Билал Касами не го одржа предизборното ветување дека паркингот ќе биде бесплатен додека не создаде доволно паркинг-места за секое возило. Хаосот продолжува, нови паркинзи сѐ уште нема, бесплатниот паркинг беше само две недели, а потоа наплатата беше вратена.

Автор: Фисник Џелили

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК нема да може сама да се справи со евентуални кибер напади и дезинформации

Кибер напади, дезинформации, логистички пречки - овие ризици се закана за кредибилитетот на изборните процеси, истакна денеска првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски. На денешната панел...