fbpx

Општина Тетово: Од политички и бирократски причини не се направени 230 паркинг места

-

Иако според годишниот план на Општина Тетово за периодот јули-септември, беа предвидени да се направат 230 паркинг места долж двата булевари „Благоја Тоска“ и „Илинден’’, ова сѐ уште не е направено. Од Општината велат дека доцнењето на реализацијата на планот за паркинзи во Тетово било како „резултат на политичките настани во последниот период и бирократските процедури“, пишува Порталб.мк.

Според планот објавен на 11 јануари од страна на тетовскиот градоначалник, за третото тромесечје на годината планирано беше да се реализираат паркинзи на булеварите „Благоја Тоска“ и „Илинден“.

„Фаза 3 – јули-септември: Оваа фаза опфаќа два булевари, и тоа Благоја Тоска со 150 паркинг места како и дел од булеварот Илинден со 80 паркинг места, значи оваа фаза опфаќа вкупно 230 паркинг места. Во оваа фаза ќе има и интервенции за проширување на профилот на улицата како и ќе се извршат геодетски мерења, инфраструктурен проект, добивање на дозвола за градба, комуникациски проект и согласност од страна на Министерството за внатрешни работи – Тетово“, се вели во планот на Општината.

Меѓутоа, на овие два булевари, ништо од ова не е направено.

„Доцнењето во реализација на планот за паркинзи во Тетово било како резултат на политичките случувања во периодот што е зад нас. Исто така во реализацијата на овој план влијаеле и бирократските процедури, кои создале разни препреки“, се правдаат од Општина Тетово.

Делот на булеварот „Благоја Тоска“ од Градската болница до кај Текстилното училиште сѐ уште не е пуштен во употреба, бидејќи уште се работи и се очекува да се заврши во текот на месец октомври.

„Што се однесува до паркинзите на булеварот „Благоја Тоска“, истиот има сообраќаен проект и сега веќе се чека согласност од СВР-Тетово за и тој да се реализира. До крајот на годинава ќе бидат реализирани првите фази предвидени со овој проект. Идната година ќе се започне и со изградба на затворените катни каражи“, велат од Општина Тетово, и додаваат дека и покрај овие доцнења, тие успеале да реализираат неколку други паркинзи.

„И покрај овие доцнења, ние успеавме да реализираме во целост, со хоризонтална и вертикална сигнализација, неколку паркинзи по целата територија на Тетово, кои сега веќе се во функција на граѓаните. Реализирани се следниве паркинзи: Паркингот на улица Страшо Пинџур, улица Т.Ц. Мерџан, комплексот Саранда, кај зелениот пазар на улица 120а, Благоја Тоска, кај ресторанот Мема, улица Гоце Делчев, (православните гробишта), Борис Кидрич, БУ 53 (кули), БУ 54 (Боката), БУ 88. (К.Р. Дрнц). Општина Тетово постојано работи во оваа насока’’, велат од Општината.

Да се потсетиме дека годишниот план за отварање паркинг места не се спроведе целосно за првото тромесечје, како и за второто тромесечје од 2022-та година.

Според планот откриен на 11-ти јануари, Општина Тетово планира до крајот на годината да го зголеми бројот на паркинг места преку зонско паркирање, затворени паркинзи и катни гаражи. Планираниот број на места кај зонските паркинзи е 410, кај затворените е 790, а кај катните гаражи е 1.890. Вкупно до крајот на годината, Касами изјави дека се очекува да се создадат 3.730 нови паркинг места.

Според извештајот за работа на ЈП „Градски паркинг“-Тетово, бројот на паркинг места во рамки на претпријатието (зонски и затворени) за 2021 година бил вкупно 764.

Додека пак бројот на паркинг места во рамки на претпријатието (зонски и затворени) за периодот jaнуари – јуни 2022 бил вкупно 834 (додадена е зоната Ц со 70 паркинг места).

Проширувањето на зонското паркирање не подразбира создавање на дополнителни паркинг места, туку само дека на тоа место во минатото се паркирале возила, значи не било зонско и со наплата.

Проширувањето на зонското паркирање ќе биде индикатор за зајакнување на финансиската состојба на претпријатието за паркинзи, кое во изминатите години работело постојано со загуба. Оваа година во првото полугодие претпријатието реализира добивка од над 100.000 евра.

Меѓутоа, во овој период се зголеми цената на зонското паркирање, затворените паркизи и цената на пајак службата, а се направи и проширување на зонското паркирање во неколку делови. Денеска е започнато со чистење и средување на паркингот наспроти О.У. „Лириа“, а утре ќе се среди и исчисти паркингот зад ресторанот „Боката“.

На почеток на овој месец се пуштија во употреба и две нови зони на зонско паркирање, места кои и претходно се користеа за паркирање од страна на граѓаните, но без наплата.

Инаку, според Секторот за Внатрешни Работи, бројот на возила регистрирани со тетовски регистарски таблички во 2021 година е 44.592.

Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами не го одржа предизборното ветување дека паркингот ќе биде бесплатен сѐ додека не се направат доволни паркинзи за секој автомобил. Паркингот без наплата траеше само две недели и сега се наплаќа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деградиран рускиот свештеник што ја водеше комеморацијата на Навални

Рускиот свештеник кој ја предводеше комеморацијата на опозицискиот лидер Алексеј Навални е деградиран од водечките црковни служби и му е наредено да отслужи тригодишно „покајание“, пренесе Гардијан. Свештеникот Дмитриј Сафронов...