fbpx

Општина Новаци наречена „Стентон градба“

-

„Стентон градба“ е една од најзвучните фирми во општините Битола и Новаци, која во последните години добива неколку милиони евра од јавни набавки само од пелагониските општини. Таа и нејзините сестрински фирми се присутни во градежниот сектор во Пелагониско-преспанскиот Регион од изградба на мостови, па сè до чистење канали.

Оваа фирма најмногу тендери добила од Општина Новаци, која важи за сиромашна општина. На пример, годишниот буџет на оваа Општина е милион евра. Толку бил буџетот и во 2013, 2014 и во 2015 година. Тоа значи дека за три години Новаци имала буџет од 3 милиони евра, кој половина го потрошила за јавни набавки од фирмата „Стентон градба“.

Вкупната сума што за три години Новаци ја има исплатено на „Стентон градба“ е 1.628.665 евра.

Од вкупно 17 тендери, колку што Општината Новаци објавила на страницата за јавни набавки за 2013, 2014 и за 2015 година, оваа фирма, регистрирана во Битола, добила дури 10, а другите седум ги добиле различни компании.

Лазар Котевски, градоначалник на Новаци, вели дека Општината тешко преживува со толку мал буџет. Тој вели дека општината има вкупно 41 населено место и тешко се снаоѓаат со малку пари.

– Претходните три години буџетот на Општината изнесува по околу милион евра секоја година. Тоа навистина се премалку пари, но мора некако да се снајдеме – рече Котевски.

На прашањето зошто повеќе од половина од тригодишниот буџет отишол во рацете на само една фирма која изведувала градежни активности, Котески вели дека фирмата поседувала сепарации во општината, била голема и од таа причина секогаш ги победувала другите фирми – конкуренти на тендерите.

Тендерите што ги добива „Стентон градба“ од Новаци, најчесто се за изградба и за реконструкција на патишта и за наем на градежна механизација.

На пример, за одржување на полски патишта, Општината на „Стентон градба“ ѝ платила 92.000 евра.

За реализација на програмата за изградба на локални патишта и на улици, пак, „Стентон градба“ добила нешто повеќе од 800.000 евра.

За изградба на локален пат село Брод – Гнеотино, Општината Новаци платила речиси 400.000 евра, попрецизно 387.577 евра, а наредната година распишала тендер за санација на истиот пат поради штети што настанале од елементарна непогода и за тоа на „Стентон градба“ ѝ платила нешто повеќе од 80.000 евра.

За ангажирање градежна механизација и транспортни средства, Општината платила 165.000 евра.

На само три, од вкупно 10 добиени тендери, „Стентон градба“ била единствен учесник.

Освен од Општина Новаци, „Стентон градба“ добивала тендери и од соседната локална самоуправа – Битола. Вкупната сума што оваа фирма ја заработила од Битола изнесува 302.959 евра, а од јавните претпријатија што се под капата на оваа општина заработила дополнително 389.195 евра.

Општина Битола услугите на оваа компанија најмногу ги користела за адаптација и за одржување на улиците и на коловозите, додека јавните претпријатија „Нискоградба“, „Комуналец“ и „Стрежево“ најчесто од таа фирма набавувале градежен материјал.

4,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗАРАБОТКА ЗА ТРИ ГОДИНИ ОД ЈАВНИ НАБАВКИ

Вкупната сума што „Стентон градба“ ја заработила изминатите три години од јавни набавки изнесува 4,5 милиони евра. Освен од Новаци и од Битола, „Стентон градба“ добила тендери и од Министерството за транспорт и врски за да ги уреди плажите Стење и Сливница во Преспа. За ова, Министерството за транспорт платило 650.247 евра. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, „Стентон градба“ добила речиси 380.000 евра за чистење канали во Струмичко Поле.

Вкупно 648.832 евра „Стентон градба“ добила од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион. Од тие пари, 427.869 евра биле наменети за изградба на живеалиштата во ЗОО Битола и 220.962 евра за уредување на излетничко место.

Фирмата добивала тендери и од Општина Кривогаштани, „Водостопанство Тиквеш“ и од други претпријатија. Од „Електрани на Македонија“ добила тендер за користење градежна механизација во „РЕК Битола“ во вредност од околу 250.000 евра.

Советници од опозицијата од Општината велат дека неколку фирми постојано ги добиваат тендерите и цело време тие се вртат во круг. Ако едната фирма го добие тендерот, другите се подизведувачи. На пример, посочуваат дека „Стентон градба“ во неколку градежни активности била подизведувач на компанијата „Трансмет“, чиј сопственик е Сеад Кочан, кој добивал милионски тендери од Владата, а неодамна и лиценца за национална телевизија „ТВ Нова“.

Благојче Котески, советник на СДСМ во општина Битола, вели дека вниманието на битолчани оваа фирма почна да го добива во периодот по 2006 година, кога се јавува како сериозен играч во градежниот сектор, но најмногу поради тоа што ова име можеше сè почесто да се слушне како директен или индиректен изведувач на сите поголеми тендери во овие општини.

Како пример, тој ги посочува изградбата на кружниот тек на Црн Мост, кој се градел повеќе од две години, подготовката на подлогата за фабриката „Кромберг и Шуберт“ и низа други проекти.

– Сериозно очите на битолчани се вртат кон „Стентон градба“ кога конкурира и го добива работењето со градските паркиралишта. Иако опозицијата беше против ова јавно-приватно партнерство (ЈПП), локалната самоуправа предводена од ДПМНЕ остана на ставот градските паркиралишта да ги стопанисува „Стентон градба“ со својата сестринска фирма „Градски паркинзи Битола“. Наместо ред во паркирањето, битолчани добија сообраќаен хаос во централното градско јадро, каде што и е најизразен проблемот со паркирањето. Поради непочитување на обврските на дел од договорот, како точка на дневен ред на следната седницата (во септември 2016 г.) советничката група на опозицијата поднесе барање за одземање на концесијата за паркиралиштата во Битола – изјави Котески.

Ако се има предвид дека целокупното работење на Општината Битола е ставено под лупа, прво од Основното јавно обвинителство во Битола, а потоа и од Специјалното јавно обвинителство, значи и проектите изведувани од „Стентон градба“ се дел од истрагата на обвинителствата за транспарентното трошење на парите на битолчани од актуелниот градоначалник на општината.

„Основното јавно обвинителство во Битола отвори предмет за севкупното работење со средствата на Општина Битола, па оттаму и Специјалното јавно обвинителство ги презеде сите наши дејства. Не би било во ред да се работи само на делот со школскиот превоз споменат во една од „бомбите“. Работата на Општината е поврзана и не може да се разгледува парцијално“, на почетокот на годинава изјави извор од битолското обвинителство.

Советници од опозицијата уште на почетокот на годинава биле повикани на распрашување во Основното јавно обвинителство во Битола во врска со работата на локалната власт и со одлуките на Советот на Општина Битола.

– Нè повикаа нас, советници што бевме избрани во неколку мандати во Советот на Општината и кои потемелно ја познавме работата на локалната самоуправа. Нè испрашуваа за проектите одобрени од Советот, за тоа колку пари се извојувале и за тоа дали сè што работи градоначалникот е покриено со одлуки на Советот или, пак, дел од проектите се сработени без амин на Советот. Ние си кажавме што мислиме. Прашањата беа детални за многу работи што се направени во Општината, од кружните текови, мостовите, касарната – вели  еден од испрашуваните советници.

Screenshot 15

Дали за „Стентон градба“ се води некаква истрага во СЈО, ги прашавме и специјалните обвинители, но оттаму добивме одговор дека „ниту можат да ни потврдат ниту, пак, да негираат интерес за оваа компанија, ниту во својство на сведоци, ниту, пак, во својство на обвинети“.

БЛИСКИ ВРСКИ МЕЃУ ВМРО-ДПМНЕ И „СТЕНТОН ГРАДБА“

Фирмата „Стентон градба“ важи за блиска до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Една од причините поради која граѓаните и конкуренцијата ја поврзуваат фирмата со владејачката партија е едниот партнер на фирмата. Имено, сопственици на оваа фирма се Пецо Стојановски и Благој Крстевски, кој пред неколку години бил кандидат за претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Блискоста на „Стентон градба“ со владејачката партија се согледува и во тоа што директорка на Центарот за развој на Пелагонискиот Регион во време кога фирмата ги добила тендерите е Емилија Ѓеровска, потпретседателката на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Нејзиниот сопруг, пак, Марјан Ѓеровски, ексградоначалник на општината Бистрица и поранешен секретар на општина Битола, е актуелен директор на јавното претпријатие „Стрежево“, од кое „Стентон градба“ исто така има добиено тендери.

За Ѓеровска меѓу битолчани се зборува дека ќе биде наредниот кандидат за градоначалник на општината од владејачката партија, на местото на досегашниот градоначалник Владимир Талески, кој е осомничен во случајот „Транспортер“, отворен од Специјалното јавно обвинителство.

ТЕНДЕРИ, СЕПАРАЦИИ, ПАРКИРАЛИШТЕ, ОСИГУРУВАЊЕ И СУБВЕНЦИИ

Освен тендерите за градежни активности кои „Стентон градба“ ги добивала од Општината Битола, градоначалникот Талески во 2013 година на оваа фирма ѝ даде да стопанисува со зонското паркирање во градот, за што е основана посебна фирма – „Градски паркинг Битола“.

Договорот што градоначалникот Талески го потпишал со „Стентон градба“, опозицискиот СДСМ го оспорил пред државниот правобранител, сметајќи дека парите кои Општината ги добива се премалку и со тоа е оштетен општинскиот буџет.

Тогаш, опозицијата обвини дека приватниот партнер што ќе стопанисува со паркиралиштата ќе има голема добивка, а мал дел ќе ѝ плаќа на Општина Битола.

– На овој начин ќе заработи приватниот партнер кој, пак, секој месец на Општината ќе ѝ плаќа 2.000 евра. Најдобар показател е Општина Охрид каде новата локална власт ги оспори договорите за закуп. Сумата за која новата власт мисли дека е премала и го оштетува општинскиот буџет на Охрид е 9.000 евра и е за 4,5 пати поголема од средствата што нашиот приватен партнер ќе ги исплаќа на Општина Битола – изјави тогаш Златко Ќурчиевски, советник од СДСМ.

Screenshot (13)

Освен „Стентон градба“, Стојановски и Крстевски се сопственици и на фирмата „Стенон“, која е сопственик на неколку сепарации за песок и за чакал и на концесии за ископ на минерали.

Во општината Новаци, фирмата „Стентон“ работи со експлоатација на кварцен чакал од лежиштето Градилово, кое се наоѓа во близина на селото Брод. Дозволата за концесија за експлоатационото поле ја добила од Министерството за економија.

Во 2015 година, од Министерството за економија, „Стентон“ доби и дозвола за ископ на гранит кај Билбил камен, во општината Битола. Со дозволата, оваа фирма ќе врши ископ на тоа место во текот на 30 години. Во договорот за експлоатација, подготвен од министерството, а кој го добивме врз основа на барање за слободен пристап до информации, не е наведено колку пари „Стентон“ ќе треба да ѝ плати на државата.

За истражувањата што претходно ги правела на таа локација, за две години, „Стентон“ платила само 70.000 денари.

„Стентон градба“ добила и субвенции за рурален развој. Во 2014 година, неколкукратно на фирмата ѝ биле исплатени вкупно 44. 078.128 денари или 716.717 евра.

Освен во градежниот бизнис, сепарациите и во ископ на минерални суровини, сопствениците на „Стентон“ и на „Стентон градба“ учествуваат и во осигурителниот бизнис. Тие се, имено, и надворешни членови во осигурителното друштво „Осигурителен брокер СН Битола“, каде што е осигурана и компанијата „Трансмет“.

НАЈЗАГАДЕНАТА ОПШТИНА СО МОЖНОСТ ДА СТАНЕ УШТЕ ПОЗАГАДЕНА

Ископот на гранит кај Билбил камен се наоѓа во непосредна близина на населбата Довлеџик и граѓаните и експертите стравуваат дека со ископувањето може само повеќе да се зголеми загадувањето во Битола.

Од централното градско подрачје, рудникот е оддалечен околу 2,5 километри по воздушна линија и околу 800 метри од првото населено место. Експертите за животна средина предупредуваат дека со ископот на оваа локација ќе се придонесе за зголемување на загаденоста во општината. Според нив, со отворањето на рудник во близина на градот, битолчани ќе имаат 250 „отровни денови“ во годината.

Котески вели дека револтот кон оваа фирма се зголемил токму со градежните активности на каменоломот што го отворила во непосредна близина на градот. Овај каменолом е на само 250 метри од населбата Довлеџик, 750 метри од Брусничка населба, а на само 2.400 метри од Саат-кулата, т.е. од центарот на градот.

– Со оглед на тоа дека Битола е еден од најзагадените градови не само во Македонија, туку и во Европа, стравот од дополнително аерозагадување кај граѓаните е уште поголем. На трибина за каменоломот во организација на НВО-секторот, во која не учествуваа претставници на Општина Битола, добивме информација дека Општина Битола дала писмена дозвола за изградба и за пуштање на работа на каменоломот. Оваа дозвола е издадена во тајност од Советот на Општина Битола и до денес сè уште немаме информација за тоа кој ја потпишал оваа дозвола, ниту одговор по нашето барање да ја добиеме на увид! Иако имаме информација дека има дозвола за работа, каменоломот нема интегрирана Б-дозвола, а таму веќе подолг период се изведуваат градежни активности! Поради овие факти, СДСМ и опозициските партнери поднесоа барање за прекин на работата во каменоломот. До денес нема одговор на нашето барање, а „Стентон градба“ сè уште изведува градежни активности во каменоломот на Довлеџик, во месноста Билбил камен. Поради обемот на активности и сектори во кои се присутни „Стентон градба“ и нејзините сестрински фирми, битолчани на шега, но и со доза сериозна вознемиреност почнаа својот град да го викаат Стентон Град – објасни Котески.

Александар Кирацовски од СДСМ, по потекло од Битола, во јули оваа година излезе на протест за да им даде поддршка на битолчани за да се запре работата на рудникот.

– Бидејќи сите овие прашања се отворени, а знаејќи на кој начин се добиваат дозволи за работа и концесии кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бараме од компанијата „Стентон градба“ и од Друштвото за производство, трговија и услуги (ДПТУ ) „Стентон увоз-извоз“, како и од Општина Битола, во најкус можен рок да приложат соодветна документација и испитувања со кои ќе се потврди влијанието на рудникот врз неговата околина – рече Кирацовски.

Тогаш од фирмата преку соопштение рекоа дека здравјето на граѓаните им е пред сè и тврдеа дека ископите нема да имаат штетно влијание.

„Тоа е потврдено со соодветни  испитувања. Договорот за концесија од Министерството за економија е доделен врз основа на соодветна документација, како договор за концесија за детални геолошки истраги, за експлоатација на минерална суровина, геолошки елаборат, студија и решение за одобрување на студијата за влијанието врз животната средина, одобрено од надлежното министерство, проект за заштита од води, сообраќајна согласност за приклучок на магистралниот пат Битола – Ресен и друго“, пишува во соопштението на „Стентон“.

За реакција се јавивме и во „Стентон градба“, но оттаму воопшто не сакаа да коментираат ниту за јавните набавки ниту, пак, за обвинувањата дека се поврзани со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

 

Пишува:

Александра Д.Гоцевска и Анета Блажевска

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави, како и Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје.

logoa USAID, MCMS, IDSCS

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народна банка-ММФ: Денарот е стабилен, инфлацијата под контрола

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, заменик министерот за финансии, Филип Николоски и вицегувернерот Фадил Бајрами се дел македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка. На...