Разговорите меѓу градоначалникот Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, нивниот заеднички увид на локацијата каде што би се градела новата полициска станица и изработката на проектната документација од страна на општинските служби, се само почетна фаза во реализацијата на проектот. Ветувањето на градоначалникот Ѓорѓиевски за нова полициска станица останува неисполнето, пренесува Вистиномер.

Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Приоритетни проекти на Општина Кисела Вода за сите луѓе“, вети дека Општината ќе изгради нова полициска станица и ќе ја предаде на користење на МВР.

 

Ветување: ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА КИСЕЛА ВОДА. Кисела Вода, иако е една од најголемите општини во Скопје територијално, таа е покриена со Полициската станица „Пролет“, која се наоѓа во Општина Центар. Општина Кисела Вода ќе ја подготви целокупната урбанистичко-планска и градежно-техничка документација и ќе ја достави до МВР со цел изградба нова полициска станица во Кисела Вода. Доколку МВР не сака да ја изгради, Општина Кисела Вода со сопствени средства, средства од донации и фондови ќе ја изгради и ќе ја предаде на користење на Министерството за внатрешни работи.

 

[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Речиси четири години откако е избран за градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на два пати организираше настани на кои беше најавувано дека Општината „добива нова полициска станица“, но на два месеца пред претстојните локални избори планирани за октомври годинава нема изградено нова полициска станица. Ѓорѓиевски не го исполни ветувањето од предизборната програма за изградба на нова полициска станица во Општина Кисела Вода, иако таа, како што нагласуваше во предизборната програма, територијално е една од најголемите општини во Скопје.

Кон крајот на минатата година, на 13 декември, градоначалникот Ѓорѓиевски на општинската веб-страница објави дека остварил нова средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на која подетално бил разгледан проектот за изградба на нова полициска станица во населбата Кисела Вода. Градоначалникот Ѓорѓиевски на таа средба изјави дека Општина Кисела Вода е во завршна фаза со подготовката на проектна документација, што ќе овозможи реализација на овој проект кој е приоритет за унапредување на безбедноста во општината.

 

Состанокот беше фокусиран на дефинирање на конкретните активности потребни за изградба на новата полициска станица, која е предвидена со Деталниот урбанистички план (ДУП) во близина на кружниот тек помеѓу Кисела Вода и Припор. Беше направена анализа на предложената локација, која е стратешки избрана за да одговори на потребите на населението од овој дел на општината. Во моментов на територија на општина Кисела Вода функционираат две полициски станици, а во општината живеат околу 70 000 жители. Едната полициска станица ја покрива цела централна Кисела Вода се до Пинтија, додека ПСОН Драчево покрај селото и населбата Драчево ги покрива и Студеничани, Батинци, Зелениково и Морани. Отворањето на трета полициска станица е несомнено потреба и би овозможило поголема присутност на полицајците на терен, но и побрза реакција, беше заклучокот од овој денешен работен состанок, се вели, меѓу другото, во соопштението.

 

Ѓорѓиевски на таа средба со министерот Тошковски детално ги разгледале следните чекори за реализација на ова значајно безбедносно прашање, но и поефикасна реализација на административните потреби на граѓаните.

 

Отворањето на трета полициска станица во овој дел од градот ќе значи побрза и поефективна реакција на полицијата во ситуации кога е загрозена безбедноста на нашите жители, како и зголемена присутност на полицијата на терен. Исто така, во новиот објект ќе има и административни служби за вадење на документи, а предложеното решение ќе ги растерети и постојните полициски станици „Беко“ и „Пролет“изјави Ѓорѓиевски.

 

Претходно, на 22.04.2024 година, градоначaлникот Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, заедно со командирите од двете полициски станици на територија на општина Кисела Вода, извршија увид на просторот од околу 3.700 метри квадратни предвиден за нова полициска станица во населбата Кисела Вoда, кој се наоѓа во близина на кружниот тек меѓу населбите Кисела Вода и Припор. Тогаш е истакнато дека предвидениот објект би имал околу 400 квадратни метри, а просторот околу него би бил партерно уреден, со голем паркинг.

 

Денес заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски направивме детален разговор околу подигнувањето на безбедноста на нашите граѓани. Во моментов на територија на општина Кисела Вода функционираат две полициски станици, но со оглед на тоа што во општината живеат околу 70 000 жители, и тоа што едната полициска станица ја покрива цела централна Кисела Вода сè до Пинтија, додека ПСОН Драчево покрај селото и населбата Драчево ги покрива и Студеничани, Батинци, Зелениково и Морани, несомнено е потребно отворање и на трета полициска станица. Тоа би овозможило поголема присутност на полицајците на терен, но и побрза реакција во случај на одредени ситуации кога е загрозена сигурноста на нашите жители. Од разговорот со почитуваниот министер Тошковски, сакам да истакнам дека заеднички сме подготвени за нови иницијативи и проекти, што ќе ги засилат нашите напори за изградба на посилна заедница во која доследно ќе се спроведуваат законите и ќе се превенира криминалотизјави во таа прилика градоначалникот Ѓорѓиевски.

 

Сепак, разговорите меѓу градоначалникот Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи Тошковски, нивниот заеднички увид на локацијата каде што би се градела новата полициска станица и изработката на проектната документација од страна на општинските служби, се само почетна фаза во реализацијата на проектот. Затоа ова ветување на градоначалникот Ѓорѓиевски ја добива оценката – неисполнето.

Извори:

Оцени: Стојан Синадинов

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар