Актуелниот ДУП во кој се вцртани три кули од по 60 ката

Советот на општина Центар на 63-та седница не донесе одлука за суспензија на Деталниот урбанистички план (ДУП) за локацијата спроти хотелот Холидеј Ин во центарот на Скопје. ДУП Голем Ринг јужен дел-исток продолжува да важи, а градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ објаснува дека суспензијата може да доведе до тужба кон општината и финансиска штета што ќе треба да ја плаќаат сите жители на оваа општина.

Преку испратено соопштение до медиумите од Општина Центар, Богдановиќ објаснува дека со стариот Закон за урбанистичко планирање, општините немале никакво ограничување за тоа колку да трае суспензијата или неспроведувањето на плановите, ниту пак било утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или било каква друга одлука биде донесена.

Наспроти ова, новиот Закон за урбанистичко планирање е ограничувачки и дава рокови за ревизија/суспензија од 6 месеци за дел од ДУП и 12 месеци за цел ДУП. Доколку се пробијат роковите или пак се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар.

„Во новиот Закон за урбанистичко планирање јасно се дефинирани можностите за суспензија и уште полошо, што за секоја започната активност за суспензија, трошоците за штетите што евентуално би настанале како лоша последица, треба да ги сноси тој што е донесувач. Тоа е Советот на Општина Центар или индиректно, општината. Во претходниот закон тоа не беше предвидено, така да некој и да покренеше таква иницијатива, во законот немаше можност за ‘претрпена штета’“, вели градоначалникот Богдановиќ.

Она што е спорно за првиот човек на Општина Центар е ставот 9 од членот 23 од новиот закон, кој гласи дека по истекот на пропишаните рокови, суспендираните урбанистички планови, нивните делови или плански одредби, продолжуваат да се спроведуваат при што штетите што настанале од суспендирањето на планот, како и од неотстранувањето на недостатоците на суспендираните урбанистички планови, ги сноси општината.

Водејќи се по стариот закон, во Општина Центар во сличен процес при промена на план кој што бил за одредена намена, еден од инвеститорите ја тужел државата, при што оштетата по пресудата наплатена во тој случај ја обештетила државата, а согласно новиот закон, доколку некој инвеститор поднесе тужба, оштетата паѓа на товар на општината, велат од Општина Центар.

Со ова, општинарите практично ѝ соопштуваат на јавноста дека дури и да донесат суспензија на постојниот ДУП за локацијата спроти хотелот Холидеј Ин, тие не се сигурни дека ќе имаат капацитет да донесат нов ДУП за локацијата Голем Ринг јужен дел-исток во период од 12 месеци. За потсетување, општинарите од Центар поради несогласувања со планерската куќа што го работеше новиот ДУП, кон средината на март годинава го раскинаа договорот за изработка на новиот ДУП за просторот спроти Холидеј Ин, кој дотогаш се изработуваше.

Доколку ја отпочне постапката за суспендирање на постојниот ДУП за локацијата спроти Холидеј Ин, Општина Центар најпрво ќе треба да распише нов тендер за избор на планерска куќа и потоа одново да ја започне изработката на нов ДУП во согласност со предвидените чекори за неговото донесување со новиот закон.

Инаку, порталот СДК.мк денеска јави дека инвеститорите „МГ Фешн” и Македонската православна црква поднеле барање за издавање на градежна дозвола за првата кула кај „Холидеј ин”. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ потврди дека во електронскиот систем на Општина Центар е поднесено барање од инвеститорите.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера пак објасни дека донесувањето и суспензијата на деталните урбанистички планови е работа на општините, а Министерството за транспорт и врски е само контролор во целата постапка. Бочварски појасни дека ако Општина Центар планира да го суспендира ДУП-от, тогаш општинарите ќе треба да достават елаборат до нивното министерство, по што во рок од 15 дена тие како министерство ќе дадат свое мислење и конечната одлука за суспензија на ДУП-от ја донесува општинскиот совет.