Некогашното „Матично“, кое се наоѓа во задниот дел од дворот на Општина Центар, ќе биде предадено на користење на заинтересираните младински здруженија и невладини организации, а дел ќе биде наменет за потребите на администрацијата на општината, соопшти Општина Центар.
Владата ја предала старата барака на Општина Центар, а општината комплетно ќе ја реконструира и преуреди, за што распишала јавен оглас за избор на најповолен изведувач на градежно занаетчиски работи.
Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 25 септември во 10:00 часот, кога ќе се спроведе јавното отворање. Реконструкцијата ќе опфати нова фасада и покрив, внатрешно уредување, реконструкција на санитарен јазол, промена на внатрешниот водовод, реконструкција на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видео мониторинг систем и громобранска и против пожарна инсталација.
Работите ќе започнат веднаш кога се одбере фирмата изведувач и се очекува да завршат до Нова година. Целиот зафат ќе чини околу 6 милиони денари. Дел од средствата се добиени како донација од УНДП и Швајцарска агенција за развој и соработка, како дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, а дел се сопствени средства од буџетот на Општина Центар, се објаснува во соопштението.