fbpx

Општина Чаир ветува дека наскоро ќе ги пренесува во живо седниците на општинскиот совет

-

Општина Чаир сè уште не започнала со директен пренос на седниците на Советот на општината на каналите на интернет, како што вети градоначалникот Висар Ганиу. Од општината велат дека ја обезбедиле потребната опрема за оваа намена и наскоро ќе назначат и одговорно лице, пишува Порталб.мк.

„Еден од приоритетите во однос на транспарентноста и отчетноста е емитувањето на седниците на општинскиот совет во реално време, со цел граѓаните да имаат можност да се запознаат со вистинските проблеми на општината“, е ветувањето на Висар Ганиу во делот „Транспарентност преку дигитализација“ од изборната програма за општина Чаир 2021-2025, под мотото „Избери живот, гласај зелено“.

На 5 ноември Ганиу го доби вториот мандат на чело на општина Чаир, но и по повеќе од 14 месеци, сè уште не го исполнил даденото ветување, за кое, во изборната програма не е назначен рокот за реализација.

Порталб.мк се обрати до Општина Чаир за причините за непренесувањето на седниците на советот на општината, а од општината изјавија дека опремата е обезбедена и дека наскоро ќе почне пренесувањето во живо на седниците.

„Преку донација на УНДП Општина Чаир обезбеди соодветна опрема за директен пренос на седниците на советот на општината. Наскоро ќе назначиме одговорно лице за управување со тој уред и на граѓаните да им овозможиме да ги следат седниците на советот на официјалните канали на интернет“, велат од Општина Чаир.

На веб-страната на Општина Чаир лесно може да се најдат податоци за составот на општинскиот совет, како и на Службениот весник на општина Чаир, кој се објавува по потреба, односно се објавуваат и одлуките донесени од советот.

Во еден текст на Порталб.мк објавен на 22 ноември 2022 година, во врска со транспарентноста и степенот на отвореност на Советот на општина Чаир, советникот од редовите на партијата Алтернатива, Беќир Исмаили, се пожали за недостаток на транспарентност од страна на раководството на општината.

„На секоја седница го покренуваме прашањето за емитување и користење на опремата за пренос во живо преку интернет, бидејќи треба да го слушнеме гласот на граѓаните. И можам да кажам дека транспарентноста е минимална. Не се обезбедени сите материјали. Не се споделуваат детали. Општината е затворена. Да имаше вистински државен и правен систем ќе имаше и одговорност“, писмено одговори советникот Беќир Исмаили.

Директниот пренос на седниците на советот на општината на граѓаните на Чаир би им овозможил од близу да се запознаат со активностите на општината и подетално и во реално време да се информираат за одлуките кои ги носи општината и како тие влијаат на нивниот секојдневен живот.

Засега, директен пренос на седниците на општинскиот совет има во општина Тетово, Гостивар и Битола.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...