Општина Центар за сечата на „Орце Николов“: Отстранетите дрвја ќе бидат заменети со нови

Визуелизација на новиот изглед на улицата Орце Николов. Фото: Општина Центар

Општина Центар во врска со протестот на „Зелен хуман град“ за заштита на преостанатите 10 дрвја на улицата „Орце Николов“ порача дека „останува посветена на остварување на заложбите за создавање на чиста, уредна и еколошка општина, општина која треба да претставува пример за другите општини во државата“.

Порачаа дека го разбираат револтот на граѓаните, но и дека исечените дрвја ќе бидат заменети со нови садници. Исечените биле стари и оштетени и претставувале опасност за граѓаните и возилата, порачува Општина Центар.

„Оттука, во целост го разбираме најавениот протест на граѓаните по повод сечењето на дрвата на улицата „Орце Николов“ и потполно го поддржуваме правото на слобода на говор и изразување.

Во однос на барањата упатени до Општина Центар од организаторите на протестот, „Зелен хуман град“, сакаме да разјасниме неколку дилеми кои изминатите денови кружат во јавноста.

Издадено е решение за отстранување на 13 дрва, од кои отстранети се 8, по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва. Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија“, се вели во соопштението од Општина Центар.