Фото: Општина Центар

Општина Центар соопшти дека на вчерашната седница на Советот, во прилог на допис доставен од Агенцијата за планирање на просторот, било изнесено и известување од инвеститорите и сопствениците на земјиштето кај „Треска“ со закана за кривични пријави против советниците и градоначалникот ако ја продолжат постапката за тендер и ако ги суспендираат постојните урбанистички планови.

Како што објаснуваат од општината, дописот што се разгледувал од Агенцијата за планирање на просторот всушност бил одговор на покана за делегирање на членови во тендерските комисии за идејно решение за локацијата на поранешна „Треска“.

Во одговорот, од Агенцијата, наводно, без образложение посочиле дека нема да делегираат членови ниту во тендерските комисии (комисија за јавни набавки и жири комисија за избор на идејно решение).

Како што велат од општината, во меѓувреме тие се обратиле до Архитектонскиот факултет при Универзитетот Американ Колеџ и од таму добиле двајца членови на комисиите.

За дописот од сопствениците и инвеститорите, доставено преку ополномошен адвокат, од општина Центар велат дека претставува груба и „директна закана кон Советот и советниците на Општина Центар“. Во овој допис сопствениците и инвеститорите инсистирале тендерската комисија да не го спроведе тендерот, но и да не ги суспендира постојните детални урбанистички планови.

Со дописот, велат од општина Центар, се инсистира да се донесе Заклучок за прекин на работата на конкурсната Комисија и прекин на постапката за спроведување на конкурсно решение како и да не се посегнува кон суспензија на постојните детални урбанистички планови.

Во спротивно, според соопштението од општината, инвеститорите и сопствениците се заканиле дека ќе поднесат кривични пријави за кривично дело -Злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело – Несовесно постапување во службата до градоначалникот и до сите советници.

„Во смисла на изнесеното, сакаме да ја известиме јавноста дека Советот во целост е згрозен од ваквото грубо мешање во работата на советот и уверувањето на советниците при носење на одлуки на пленарна седница“, велат од општината.

Тие констатирале дека преку ваков допис се врши директен упад во уверувањата на советниците кои согласно Законот за локална самоуправа се претставнички орган на граѓаните, а членовите на советот одлучуваат по свое уверување.

„Членот на советот не може да биде отповикан“, додаваат оттаму.

Тие додаваат дека дописот од инвеститорите и сопствениците доставен во прилог на одговорот од Агенцијата за планирање на просторот, го сметаат за најгруб притисок врз Советот и отворена закана за поднесување неосновани кривични пријави. Целта, според општина Центар, е да се влијае врз одлуките на Советот „за да ја задоволат волјата на приватните инвеститори, а сето тоа на товар и на штета на оние кои што ги избрале – граѓаните“.