Општина Аеродром започна со чистење на дивите депонии, вклучувајќи ја и големата во Долно Лисиче

Извор на фотографија: Општина Аеродром

Општина Аеродром, заедно со службите на ЈП „Комунална хигиена“ неделава започнаа со чистење на дивите депонии на територијата на оваа скопска општина, информираат општинските власти. Акцијата за чистење на деловите од Општина Аеродром се реализира на локациите на кои во изминатиот период беше забележана поголема концентрација на отпад.

Акцијата започна на локации во Долно Лисиче, Горно Лисиче, населбата Лисиче, Ново Лисиче и Реонски центар, а ќе трае во текот на целата недела и ќе ги опфати сите делови на општината. Покрај дивите депонии, предвидено е да се исчистат и сите помали депонии што се создаваат во и околу контејнерите во општината.

„Истовремено, интензивно се работи на расчистување и на една од најголемите диви депонии во Општина Аеродром лоцирана кај мостот во Долно Лисиче што граничи со Јурумлери. За оваа голема акција се ангажирани голем број сезонски работници, а се користи тешка механизација“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.

Акцијата ќе продолжи и во наредните денови, при што ќе бидат целосно исчистени сите големи депонии на територијата на Аеродром.

Од општина Аеродром упатија апел до граѓаните својот кабаст, крупен и друг вид отпад да го оставаат на точно определени локации и притоа да се избегнува фрлање отпад на тревниците и на други јавни површини кои се за други намени.

Мета.мк пред еден месец направи репортажа од обиколката на неколку локации низ Скопје, каде со години наназад нелегално се фрла отпад и се загадува животната средина. Една од овие локации беше токму реката Вардар на потегот од населбата Лисиче кон Горно и Долно Лисиче, каде што со камиони и комбиња постојано се носат нови купишта ѓубре.

Мета.мк подолг период наназад пишува за дивите депонии низ Скопје и во неколку наврати веќе посочивме дека чистењето самото по себе не го решава овој проблем. На критичните локации, неопходно е да се постави видео надзор, при што камерите би ги снимале комбињата и камионите кои нелегално одлагаат отпад. Исто така, неопходно е да се постават бетонски бариери и столбови, со кои ќе се оневозможи движењето по земјените патишта до местата каде што досега се фрлаше ѓубрето. Недостигаат и долговетуваните дронови, со кои градските и општинските инспекциски служби ќе ги “ловат” од воздух загадувачите на животната средина.

Ветувањето за град исчистен од ѓубре не се гледа на терен: Скопје, голема депонија ќе бидеш ти! [фото]