Со оглед на тоа што мултифункционалниот центар во Општина Аеродром беше дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година, испаѓа дека жителите на една од најнаселените општини – и покрај предизборните критики дека немале „свој простор за културни збиднувања, фестивали, хепенинзи на отворено и други настани“ – евентуално би добиле соодветен културно-забавен центар и простор за независната културна сцена безмалку 7 години откако тоа им е ветено, пренесува Вистиномер.

Општина Аеродром на 28.07.2025 година објави дека жителите конечно ќе го добијат првиот мултифунционален центар на користење. Иако ветувањето за ваков мултифункционален центар беше дел од предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на Тимчо Муцински  како кандидат за градоначалник на локалните избори во 2021 година, со обврзувачки рок на реализација до 2023 година, ниту тој ниту неговиот наследник, актуелниот в.д. градоначалник Дејан Митески не го остварија ветеното.

Сега сведочиме на нова најава за изградба на прв мултифункционален центар во општината, чија реализација би била готова до крајот на 2027 година.

Општина Аеродром конечно го добива првиот мултифунционален центар каде аеродромци ќе можат да уживаат во концерти, кинопроекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и голем број други настани. Мултифункционалниот центар се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче и ќе претставува место со кое ќе се збогати културниот и социјалниот живот на жителите.

Станува збор целосна реконструкција и комплетно уредување на простор од околу 1500 м2. Општина Аеродром со овој проект аплицираше на повикот на Владата и доби 99 милиони денари за првата фаза од реконструкцијата. Со реконструкцијата овој простор ќе биде целосно облагороден. Покрај главна сала – гледалиште, ќе опфаќа и фоаје, бифе и едукативни простори-работилници. Исто така, ќе биде изграден и лифт со што ќе се реши пристапноста до содржините на мултимедијалниот центар за сите категории граѓани. Гледалиштето во главната сала ќе има над 240 места за седење и дополнителен ред приспособен за лица со посебни потреби во колички.

Општина Аеродром го добива својот прв мултифункционален центар со поддршка од Владата и од Министерството за култура и тиризам. Овој проект е од круцијално значење, затоа што аеродромци за првпат ќе добијат културен центар, што ќе внесе посебен и нов импулс во нивниот културен-забавен живот.

[Извор: Општина Аеродром Aеродром добива киносала, театар, центар за културни, забавни и едукативни настани – 28.07.2025]

Веста за првиот мултифункционален центар во една од поголемите општини, во која живеат стотина илјади жители, беше објавена и во медиумите и на официјалниот профил на општината на Фејсбук:

 

Образложение:

Откако бившиот градоначалник Муцунски и сегашниот прв човек на општината Митески не го остварија ветеното од предизборната програма, првиот мултифункционален центар во Општина Аеродром сега стана проект насловен „Реконструкција на мултифункционален културен центар во Ново Лисиче“, вреден 99 милиони денари.

Мултифункционалниот центар сега е дел од проектот на Министерството за култура за изградба и(ли) реконструкција на 6-7 мултифункционални центри за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпишаа Договор за финансирање на реконструкцијата на мултифункционален центар во населбата Ново Лисиче, со вкупна вредност од 99 милиони денари.

Љутков истакна дека е ова ново поглавје за културата во Општина Аеродром, во која не постои културен центар, а ќе биде значаен особено за независната сцена.

Тој посочи дека Министерството за култура и туризам досега потпишало 20-ина договори со повеќе општини низ државава за изградба на мултифункционални центри. Некои сега почнуваат да се градат или се во тек на изградба, при што нагласи дека тие се особено значајни и за проектот Скопје – европска престолнина на културата 2028.

„Се надеваме дека до крајот на 2027 ќе бидат завршени сите и во 2028, надвор од националните установи, да имаме девет или десет вакви простори кои ќе можат да ги примат и странските уметници и да им се обезбедат нормални услови за работа. Многу е важно што овие центри ќе овозможат многу повеќе простор за независната културна сцена на која ѝ недостига простор, кино, театар, изложби и други настани, со што ќе се овозможи рамномерен културен развој на сите настани низ државата“, рече Љутков.

Тој изрази задоволство што Владата се одлучи на еден ваков чекор и што градоначалниците се решаваат токму за градење на вакви мултифункционални центри кои се, всушност, и иднината на културата во Македонија.

Инаку, мултифункционалниот центар во Ново Лисиче ќе се гради со финансии од Министерството за култура и туризам во износ од речиси 99 милиони денари во првата фаза, на површина од 1400 квадратни метри, а во него ќе има киносала со 245 столчиња, простор за изложби, како и канцеларии и соби за техника, се вели во соопштенито на Министерството за култура.

Настрана што Министерството за култура и туризам не оперира со прецизна бројка на мултифункционални центри кои би одговориле на потребите на значајната манифестација Европски град на културата – Министерството за култура и туризам досега потпишало 20-ина договори со повеќе општини низ државава за изградба на мултифункционални центри; Се надеваме дека до крајот на 2027 ќе бидат завршени сите и во 2028, надвор од националните установи, да имаме девет или десет вакви простори кои ќе можат да ги примат и странските уметници и да им се обезбедат нормални услови за работа – факт е дека Општина Аеродром не го испорача ветениот мултифукционален центар за нејзините жители. Обврзувачкиот рок од предизборната програма беше дефиниран за 2023 година.

Сега проектот за мултифункционален центар во Општина Аеродром, кој не мрдна од почетната точка на реализација цели 4 години, е префрлен во проектот Европска престолнина на културата. Во рамките на тој проект, најавата е дека мултифункционалниот центар во Општина Аеродром би бил готов до крајот на 2027 година,односно за две и пол години. Притоа, треба да се имаат предвид и бројните забелешки во извештајот на Европската комисија објавен по првиот мониторинг за следење на активностите што одговорните за реализација на овој проет (не) ги презеле.

Со оглед на тоа што мултифункционалниот центар беше дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година, испаѓа дека жителите на една од најнаселените општини – и покрај предизборните критики дека немале „свој простор за културни збиднувања, фестивали, хепенинзи на отворено и други настани“ – евентуално би добиле соодветен културно-забавен центар и простор за независната културна сцена безмалку 7 години откако тоа им е ветено.

Поради префрлањето на проектот кој одамна требало да биде реализиран според обврзувачкиот рок од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2021 во Општина Аеродром, најавата на Општина Аеродром дека жителите конечно ќе го добијат првиот мултифункционален центар ја оценуваме како недоследна.

 

Извори:

Оцени: Стојан Синадинов

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар