fbpx

Опозициски советник заработил прекршочна казна за нива на дедо му!

-

Дејан Блажески, претседател на Општинската организација на ЛДП од Охрид, член на централното партиско раководство и актуелен советник во Општина Охрид, заработил прекршочна казна во износ од 33.000 денари за непријавен имот кој не бил негов ниту, пак, бил впишан во неговиот имотен лист.

– Станува збор за земјоделско земјиште во атарот на селото Врбјани. Имотот за кој поведуваат постапка за наследство од мојот покоен дедо, и по неговата смрт е во сопственост на мојот татко и на неговите браќа. Затоа сметам дека ова е уште еден обид да се замолчат опозициските советници со смешни мерки, кои ја навредуваат интелигенцијата на граѓаните. Сите добро знаат колку вреди имот во селото Врбјани – рече Блажески на прес-конференција, обвинувајќи за пресметка на власта со политичките неистомисленици.

– Во очекување на судската пресуда за наводна клевета од моја страна кон секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, за што бара 300.000 денари, пред неколку дена од страна на Државната комисија за спречување на корупција добив прекршочна казна во износ од 33.000 денари за непријавен имот кој не е ниту мој, ниту впишан во мојот имотен лист. Мојот имотен лист е празен и не поседувам ниту една недвижност – појаснува Блажески.

Блажески треба да плати казна за имот кој не е на негово име, а кој, според него, не вреди ниту 300 денари.

Нивата во Врбјани, како што рече тој, ДПМНЕ преку нејзините институции може да ја земе во државна сопственост и да ја подари на Субрата Рој, со одобрение од неговиот татко, но ниту со тоа, според Блажески, нема да го замолчат како опозициски политичар, јавно да не говори и прашува за актуелните случувања во Охрид и во Македонија.

Во меѓувреме, Блажески ја чека и пресудата од судскиот процес што против него го покрена секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, во кој е обвинет дека изнел клевети и навреди кон Спасески за случајот со лизгалиштето во Охрид.

– Наводно нанесената душевна болка која секретарот Спасески ја бара од мене чини 15 просечни плати во Република Македонија – вели Блажески.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.