Извор на фотографија: Собрание на РСМ

ВМРО-ДПМНЕ денеска се согласи да ги повлече амандманите од Законот за државјанство, коишто беа причините албанската коалиција Алијанса и Алтернатива да поднесат илјадници амандмани со кои ги блокираа законите од петтиот пакет на антикризни мерки.

„Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој се наоѓа земјата, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство, со цел конечно да се изгласа петтиот пакет мерки за помош на граѓаните и на стопанството“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

По овој чекор, од албанската опозиција најавија дека денеска или најдоцна утре ќе ги повлечат илјадниците амандмани со кои не дозволуваа да се донесат законите од петтиот пакет на антикризни мерки.

Од владејачката партија, прекинот на блокадата на Собранието на РСМ го коментираат како потврда на информациите за постоење на договор помеѓу коалицијата Алијанса и Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ.

„Добро е што притисокот од јавноста, конечно вроди со плод и што конечно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија повлекување на амандманите поднесени за Законот за државјанство, а коалицијата Алтернатива и Алијанса најави повлекување на амандманите на законите за економските мерки“, велат од СДСМ.

По ваквиот чекор на опозицијата, оваа недела се очекува Собранието на РСМ да пристапи кон донесување на петтиот пакет на антикризни мерки што долго го чекаат компаниите во земјава. Исто така, се очекува и да се придвижи донесувањето на другите закони, особено оние што се поврзани со евроинтеграциските процеси на нашата земја, за кои ВМРО-ДПМНЕ исто така вети дека нема да бидат предмет на амандмански блокади.