Партиите од опозицијата се скептични дека со сегашната Влада може да се спроведе ветинг или проверка на работата на судиите и обвинителите, објави „Порталб.мк“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, смета дека е неопходно да се спроведе  контрола на судиите и обвинителите, а за начинот како да се организира тоа, се уште не е дискутирано во партијата, но според нив, со оваа влада судството не може да се исчисти од партиски влијанија.

„Генерално, не само ние, туку и Европската унија има забелешки за политизираното судство и за политичкиот прогон што се врши над ВМРО-ДПМНЕ. Ветингот треба да биде добро осмислен, а не повторно да биде во нечии раце за пресметка со оние кои не размислуваат исто политички. Во партијата не сме разговарале околу ветингот, но сме против партизацијата на судството и политичкиот притисок врз судството. Мора да има чистење, но не со оваа власт и оваа Влада. Треба да видиме како ќе се направи тоа“, вели за „Порталб.мк“ координаторот на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Албанската опозиција е исто така „за“ судиите и обвинителите да бидат проверени. Сурија Рашиди пратеник на Алијансата за Албанците, вели дека тие поддржуваат секаква проверка на работата на носителите на судската власт, затоа што, според нив, тие се најцрната точка на системот.

„Судството продолжува да биде политизирано и селективно, да носи одлуки врз основа на потребите на дневната политика и врз основа на тоа кој е нивен клиент или страната што треба да се осуди. Имаме конкретен случај со казната во предметот на Алмир, каде имаше намера за убиството на три лица, судот го квалификуваше како сообраќајна несреќа, а другиот случај кога беше убиен навивачот Саздовски, се судеше како за потежок облик на убиство – ова е судство кое одлучува врз основа на барањата на толпите, а не врз основа на правото. Ние прифаќаме и сме за било каков ветинг, разоткривање на работата на судиите, бидејќи судството е најцрната точка на системот во земјата. Потребно е многу да се направи за да се создаде судство какво што заслужува земја која се стреми кон НАТО и ЕУ интеграција. Во одделот за правда во АА го разгледуваме ова, и кога ќе имаме нешто конкретно што ќе се изјасниме“, вели Рашиди.

Пратеникот на Движењето Беса, Фадил Зендели вели дека тие се за ветинг, сепак, не очекува оваа Влада предводена од премиерот Зоран Заев, да организира такво нешто, имајќи предвид дека, според нив, има направено многу компромиси на сметка на правдата.

„Ветинг треба да има, но не само од сега па натаму, туку и за изминатиот период. Гледам ДУИ, исто така, го спомнува ветингот за да се измие себе си за изминатиот период. Ако не се провери минатото, тогаш само ќе измие една нечистотија од изминатиот период. Процесот мора да оди во длабочина за да се исчисти и да може да функционира. Ние без двоумење сме за контрола, но оваа Влада и овој премиер имаат направено толку многу компромиси на штета на правосудниот систем, така што не очекувам дека може нешто да се направи, освен медиумска врева и муабети”, вели Зендели.

ДУИ бара од коалициониот партнер СДСМ да го поддржи ветингот за сегашните и идните функционери, вклучувајќи ги тие од судскиот сектор, судиите и обвинителите, додека од СДСМ сé уште чекаат да видат што ќе се случи со реформите кои се спроведуваат во судството. Неофицијално, и СДСМ работи на изнаоѓање соодветни модалитети за таков процес.

Ветинот е процес кој служи за разрешување на јавните службеници кои немаат интегритет во исполнувањето на нивните должности и со тоа да се врати довербата на јавноста во работата на државните институции. По правило, процесот на ветинг се врши со контрола на фигурата на некое лице пред да му биде понудена работа. Зависно од работното место или проектот, процесот на ветинг може да се базира на контрола на способностите, на личноста, имотот или било кој друг фактор поврзан со целта на ветингот.