fbpx

Опозицијата и власта со противречни изјави за тоа кој го има мнозинството во Собранието

-

Неизвесност околу тоа кој го има мнозинството во Собранието на РСМ пред гласањето за доверба на Владата што ќе се одржи во четврток. И владејачката СДСМ и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат поддршка од 61 пратеник, со која што би се задржала актуелната влада на премиерот Зоран Заев или би се формирало ново парламентарно мнозинство.

Пратеникот на партијата Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд синоќа во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека ќе ја напушти досегашната политичка партија доколку неговите колеги се одлучат да ја урнат актуелната влада со поддршка на Левица. Токму овој пратеник е еден од 61 пратеници кои се потпишаа на иницијативата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за свикување на собраниска седница за интерпелација на владата.

Инаку, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска преку Фејсбук му се обрати на пратеникот Реџепи од Алтернатива, повикувајќи го заедно да ја урнат владата на Зоран Заев.

„Колега Скендер Реџепи да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа Ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“, му пиша Мицевски.

Политичката партијата Алтернатива, која што во Собранието има 4 пратеници, излезе со информација дека утре ќе има став за однесувањето на својот пратеник. Притоа, не се исклучува можноста Реџепи да не е осамен во позицијата дека не треба да бидат дел од иницијатива во која е и Левица, пишува Гласот на Америка на македонски јазик.

Од друга страна, владејачката партија СДСМ вечерва ќе одржи седница на Централниот одбор, по што ќе го соопштат ставот по завршувањето на седницата во однос на прашањето за оставката на Зоран Заев која што ја понуди од позицијата премиер и претседател на СДСМ.

Од СДСМ денеска излегоа со соопштение дека пратеници од опозицијата самите признале дека потписи за Иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами.

„СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ. Заедно, демократските, проевропски партии нема да дозволиме само заради пуста желба за власт, Мицкоски, Апасиев и Груевски државата да ја носат удолу, а народот да страда како во оние 11 години на режимот“, се вели во нивното соопштение.

Според собранискиот Деловник, гласањето за доверба на актуелната влада ќе треба да се заврши до четвртокот вечер, односно по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Ако му се изгласа недоверба, тогаш премиерот Зоран Заев ќе мора да достави оставка во рок од 24 часа по гласањето во Собрание. Во ваков случај, актуелната влада би постанала влада во оставка и ќе остане на должност до изборот на нова влада.

Сепак, доколку интерпелацијата не помине, тогаш повторно прашањето за гласање на доверба на актуелната влада ќе може да се постави во Собранието дури по изминувањето на 90 дена по последното гласање на доверба, односно најрано во првата половина на февруари 2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...