Комапнијата „OpenAI“ поднесе контратужба против Илон Маск, наведувајќи образец на вознемирување од страна на Маск и побара од федерален судија да го спречи Маск од какви било „понатамошни незаконски и неправедни постапки“ против OpenAI во судскиот спор околу идната структура на компанијата која помогна во започнување на револуцијата во вештачката интелигенција, пренеусва Ројтерс.
Маск и извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, ја коосноваа компанијата OpenAI во 2015 година, но Маск ја напушти компанијата пред таа да стане технолошка ѕвезда. Потоа Маск, кој во 2023 година основа своја сопствена компанија за вештачка интелигенција – xAI, се обиде да го спречи производителот на ChatGPT да премине на модел за профит, што доведе до актуелниот судски спор.
„Преку напади во медиумите, злонамерни кампањи што се емитуваат до повеќе од 200 милиони следбеници на Маск на социјалната платформа што тој ја контролира, формално барање за корпоративни документи, вознемирувачки правни тужби и лажна понуда за преземање на средствата на OpenAI, Маск користел секое можно средство за да ѝ наштети на OpenAI“, стои во поднесокот на компанијата во постоечкиот судски процес што Маск го води против OpenAI во Окружниот суд на САД за Северниот округ на Калифорнија.
OpenAI побара од судијата да го спречи Маск од понатамошни напади, како и да биде „одговорен за штетата што веќе ја предизвикал“. Двете страни треба да започнат судење со порота напролет следната година.
Како одговор, правниот тим на Маск се повика на непобарана понуда за преземање вредна 97,4 милијарди долари од страна на конзорциум предводен од Маск, понуда што OpenAI ја одби. „Ако Одборот на OpenAI навистина ја разгледал понудата, како што бил обврзан, ќе видел колку е сериозна. Фактот дека плаќање пазарна вредност за средствата на OpenAI наводно ‘се меша’ со нивните деловни планови е показателен,“ изјави адвокатот на Маск, Марк Тобероф.
Во објава на платформата X, која е во сопственост на Маск, OpenAI напиша: „Постојаните постапки на Илон против нас се едноставно тактики со лоша намера за да се забави OpenAI и да се преземе контрола врз водечките иновации во вештачката интелигенција за негова лична корист.“
Минатиот месец, компанијата на Маск – xAI, ја купи платформата X во договор што ја проценува вредноста на социјалната мрежа на 33 милијарди долари и дозволува вредноста на неговата фирма за вештачка интелигенција да се сподели со ко-инвеститорите во X.
Минатата година, Маск – кој е и извршен директор на производителот на електрични автомобили Тесла – поднесе тужба против OpenAI и Алтман, обвинувајќи ги дека се оддалечиле од основната мисија на организацијата: развој на вештачка интелигенција за доброто на човештвото, а не за корпоративен профит. Маск не одговори на барањето за коментар околу поднесокот на OpenAI.
OpenAI и Алтман ги негираат обвиненијата, додека Алтман тврди дека Маск се обидува да го забави конкурентот.
Во основа на тужбата е транзицијата на производителот на ChatGPT кон профитно ориентиран модел, за што стартапот вели дека е клучно за прибирање дополнителен капитал и успешна конкуренција во скапата трка за вештачка интелигенција.