Училиштата во Делхи и околните области ја префрлија наставата онлајн, а градежните работи се забранети поради екстремно опасен квалитет на воздухот, објави Би-би-си.
Утрово густ смог го обви Делхи, значително намалувајќи ја видливоста и предизвикувајќи доцнења на летови и железнички линии. Индексот за квалитет на воздухот (AQI) достигна просечна вредност од 471, според владината апликација „Сафар“, што е повеќе од 30 пати над границата препорачана од Светската здравствена организација.
Изложеноста на вакво ниво на загадување може да предизвика сериозни здравствени проблеми, особено кај децата и постарите лица.
Индиската организација за мониторинг на загадувањето ги класифицира вредностите на AQI од 101 до 200 како умерени, од 201 до 300 како лоши, од 301 до 400 како многу лоши, а сè над 400 како сериозни. Иако владините апликации ги ограничуваат мерењата до максимум 500, приватни и меѓународни монитори често регистрираат и повисоки вредности.
Наглото влошување на квалитетот на воздухот започна во саботата, по краток период на подобрување минатата недела, кога загадувањето се движеше меѓу „лошо“ и „многу лошо“. Во неделата, Индиската комисија за управување со квалитетот на воздухот (CAQM) го активираше највисокото, четврто ниво од Планот за степенуван одговор (GRAP).
Со тоа, на старите дизел-камиони им е забранет влез во Делхи, градежните активности се стопирани, а училиштата се префрлени на хибридна настава, при што ученици следат часови онлајн. Врховниот суд на Индија, исто така, издаде препорака судските рочишта да се одржуваат виртуелно.
Властите ги повикаа граѓаните, особено децата и лицата со срцеви или респираторни заболувања, да останат во затворени простории и да носат заштитни маски доколку излегуваат надвор. Долготрајната изложеност на сериозно загадување може да доведе до респираторни проблеми и кај здрави лица.
Според податоци доставени до индискиот парламент, во периодот од 2022 до 2024 година биле регистрирани повеќе од 200.000 случаи на респираторни заболувања во шест државни болници во Делхи, како последица од постојано високо загадување на воздухот.
