Внатрешни извештаи на компанијата Фејсбук покажуваат дека младите поминуваат сè помалку време на главната платформа Фејсбук, сè помалку тинејџери се регистрираат како нови корисници, а вработените не можат да сфатат зошто се случуваат овие негативни трендови, пишува „Блумберг“ во најновото откривање на документите кои свиркачот Френсис Хогeн ги сподели со американските регулатори и со медиумите.
Документите вклучувале серија графикони и податоци кои го истакнуваат вознемирувачкиот тренд дека Фејсбук ја губи популарноста кај тинејџерите и младите луѓе.
Податоците покажуваат дека времето на тинејџерите од САД на Фејсбук од година во година се намалува за 16 отсто, додека и младите возрасни поминувале за 5 отсто помалку време на социјалната мрежа.
Бројот на нови регистрирани тинејџери опаѓа, но она што најмногу ја загрижувало компанијата се податоците кои покажуваат дека на младите им треба многу повеќе време за да се приклучат на Фејсбук од порано. Повеќето луѓе родени пред 2000 година креирале профил на Фејсбук, во просек, пред да наполнат 19 или 20 години, а сега Фејсбук не очекува луѓето да се приклучат на платформата пред 24 или 25 години, а можеби ни тогаш.
Извештајот е дел од стотиците внатрешни документи објавени од поранешната вработена во Фејсбук, Френсис Хоген, која на почетокот на месецов излезе во јавноста со обвинувања дека приоритет на Фејбук му е профитот наместо безбедноста на корисниците.
Документите беа поднесени до Комисијата за хартии од вредност на САД и беа доставени до Конгресот, а нивни верзии им беа отстапени и на неколку новински организации, како што се: „Блумберг“ и „Волстрит Журнал“.
Како што пишува „Блумберг“, документите даваат остра слика за долгогодишниот пад на метриката за раст на клучните групи на корисници на Фејсбук, како тинејџерите и младите возрасни во САД.
Од друга страна, вкупната публика на Фејсбук со години расте, а со тоа приходите на компанијата се зголемуваат и за 30 милијарди американски долари по квартал. Пазарната вредност на компанијата сега е близу 1 трилион долари.
Хогeн во својата жалба тврди дека Фејсбук со години погрешно им ги прикажувал основните метрики на инвеститорите и огласувачите, односно им го покажувал целокупниот раст на својата публика, притоа криејќи ги деталите кои покажуваат тренд на намалување на клучната демографија – младите.
„Постои проблем со споделувањето на содржини од страна на младите возрасни. Тие избираат други апликации за споделување на секојдневните и моментите од своите животи“, стои во еден од внатрешните извештаи на Фејсбук.
Фејсбук се бори со сè посилната конкуренција на другите апликации на кои се фокусираат на тинејџерите. Внатрешен извештај на компанијата од март годинава покажал дека корисниците поминуваат двојно повеќе време на ТикТок отколку на Фејсбук. Податоците од мај, пак, покажале дека младите на возраст од 16 до 24 години попрво се одлучувале да се регистрираат на Редит, ТикТок, Твитер, Дискорд и Снепчет отколку на Фејсбук.