Продолжува трендот на намалување на бројот на родени деца во земјава, кој се јавува паралелно со порастот на бројката на починати лица. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородени деца во второто тримесечје од годинава изнесувал 4.693, што претставува намалување од 10,6 отсто во однос на истиот период од претходната година.

Статистичарите пресметале дека паралелно се зголемува и бројот на починати лица. Во периодот април – јуни 2019 година починале 4.928 лица, односно за 7,3 отсто повеќе во споредба со идентичниот период лани.

„Природниот прираст изнесува – 235, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица“, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 4,8 отсто во споредба со истиот период од 2018 година и изнесува 3.247 бракови. Во ова тримесечје се добиени 439 извештаи за разведени бракови.