„Онли Фанс“ сепак нема да ги забрани експлицитните содржини од 1 октомври

фото: Ava Sol на Unsplash

Откако минатата недела објави дека ќе ги забрани експлицитните содржини, по лавината реакции од корисниците „Онли Фанс“ извести дека ќе ги одложи измените во политиката за креирање содржини.

Во четвртокот платформата за претплатнички содржини рече дека почнувајќи од октомври ќе ги блокира експлицитните сексуални фотографии и видеа. Но, во текот на вчерашниот ден на Твитер соопштија дека ја суспендирале планираната промена. Во моментов не е јасно дали одложувањето ќе значи и откажување од намерата.

Од „Онли Фанс“ велат дека ќе продолжат да обезбедуваат дом за сите креатори.

„Ви благодариме што направивте да ги слушнеме вашите гласови. Обезбедивме гаранции неопходни за поддршка на нашата разновидна заедница на креатори и ја суспендиравме планираната промена на политиките од 1 октомври“, напишаа од „Онли Фанс“.

Иако првично се сметаше дека загриженоста на ивеститорите е причината за најавените промени, основачот на платформата ги обвини банките кои ја казнувале компанијата заради поддршката на сексуалните работници.

„Онли Фанс“ заработува на тој начин што зема 20 отсто од сите плаќања на креаторите на содржини. Платформата објави зголемување за 75 проценти на бројот на нови креатори во мај минатата година, за време на полициските часови и карантините низ целиот свет.