Со онлајн-емитување на краткиот документарен филм „30 години ПОСВЕТЕНИ“, посветен на минатиот труд на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), а потоа и со онлајн-дебатата „Пост-КОВИД-19 реалност: Кој е патот до поправедно општество?“, ФООМ на 18 мај, вторник, со почеток во 16 часот, ќе го одржи главниот настан за одбележување на тридеценискиот јубилеј на Фондациите Отворено Општество (ФОО) на Балканот.

„Одбележувањето на 30-годишниот јубилеј е тридецениска перспектива (1991–2021) на постоењето и работата на Фондациите Отворено општество (ФОО) на Балканот. Ги разгледува уникатните напори на филантропот Џорџ Сорос, неговите идеи и филозофија за отвореното општество, кои успеаја да опстојат низ бурните времиња од неодамнешната историја на регионот, и како идејата, всадена во регионот пред три децении, е сѐ уште главен двигател во борбата за слобода на изразувањето, отвореноста на општествата и за општества кои промовираат правда и еднаквост“, велат организаторите.

На дебатата „Пост-КОВИД-19 реалност: Кој е патот до поправедно општество?“, Дона Костуранова, програмска менаџерка во Фондација за демократија на Вестминстер; Марија Сулејманова, програмска менаџерка во Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико; Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска; Елида Зулбеари, новинарка, главна и одговорна уредничка на Portalb.mk и Виктор Митевски, претседател на Здружението за истражување и анализи ќе понудат различни перспективи за можни одржливи стратегии за квалитативна трансформација кон подобро и поправедно општество.

Целосната програма можете да ја најдете овде.