Онлајн дебата „Младите и волонтерството“ на 19 август

Зошто волонтирањето е важно за младите луѓе и како истите да се мотивираат за да се ангажираат во волонтерството? Дали и колку младите се активни како волонтери во земјава? Кои области и прашања во моментов имаат приоритет и потреба од млади волонтери – климатските промени, родовата еднаквост или можеби одржувањето и промовирањето на мир? Дали и како волонтерството треба да се промени за да ги поддржи младите да се справат со предизвиците на иднината?

Ова се само дел од прашањата што ќе ги одговорат учесниците на јавната дебата „Младите и волонтерството“ што, во организација на Фондацијата Метаморфозис, ќе се одржи онлајн на 19 август, петок, со почеток од 11 часот. 

Волонтирањето често е првото искуство кое младите го имаат со граѓанското учество. Волонтерството им овозможува на младите да ги одредат своите приоритети, да поставуваат свои агенди и да се поврзат со свои врсници или други општествени чинители.

Од друга страна, помладите волонтери се соочуваат и со низа предизвици – од нив честопати се очекува да ги спроведуваат идеите на постарите генерации, наместо тие сами да донесуваат одлуки, што може да биде фрустрирачко. Во многу контексти, терминот „волонтер“ има и негативна конотација меѓу младите кои се идентификуваат со алтернативни термини како „активист“, „практикант“ или „неплатен вработен“.

На оваа тема ќе дебатираат Марко Ѓеоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Метин Муареми од Центарот за едукација и развој (ЦЕД), претставник на Волонтерскиот Центар Скопје и младиот волонтер Станиша Станковиќ.

Онлајн дебатата ќе може да се проследи онлајн, преку платформата „Зум“ на овој линк, а пренос ќе биде овозможен и на Фејсбук профилот на Фондацијата Метаморфозис. Повеќе информации за настанот може да се најдат овде.

Онлајн дебатата „Младите и волонтерството“ се организира во рамки на проектотКредибилни вести за оспособена младина“, финансиран преку UK Aid од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.