Онлајн анкета и анализа на „Младите можат“ за несовесно однесување на наставници кон ученици

Фото: Max Fischer from Pexels

„Младите можат“ и ЛЕАД анкетирале 49 ученици на тема „#КажиСи – Утврдување на деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици во образовниот процес“. Како што соопштуваат од „Младите можат“, анкетата ги сумира добиените одговори од учениците од спроведен прашалник во месец септември и ги претставува добиените одговори од Државниот просветен инспекторат на барањето за пристап до информации од јавен карактер поднесено од страна на Младите можат и ЛЕАД.

Прашалникот нотирал вознемирувачки однесувања кај наставници во училиштата низ С. Македонија.

Најголем дел од пријавените случаи се однесувале за наставници по физичко образование, а во дел од одговорите е забележано и директно физичко насилство од страна на наставници кон ученици.

„Како втора најчеста форма на недолично однесување е на база на физичкиот изглед со невкусни коментари од страна на наставниците. Загрижувачки се коментарите кои се со етничка и сексуална нетрпеливост“, наведено е во соопштението на „Младите можат“.

Освен тоа, нотирани се и заплашувања и покажување моќ од страна на наставниците кон учениците.

Како што е наведено, од вкупно 49 ученици, 22 поднеле некаков вид на претставка до своето училиште но ниту една од претставките немало развршница и соодветна акција.

„Колку за споредба, во рамки на нашето истражување беше испратено прашање до Државниот просветен инспекторат за тоа колку претставки биле поднесени во
последните 5 години. Одговорот беше изненадувачки низок бидејќи само 23 претставки биле поднесени од кои беа 15 биле основани, а 8 неосновани. Од овие преставки 17 биле поднесени од страна на родители, 5 биле поднесени од институции, а 1 преставка била поднесена од ученици“, информираат во „Младите можат“.