Онлајн анкета: Голем дел од младите во Македонија многу малку или воопшто не се запознаени со криптовалутите

W
фото: WorldSpectrum на Pixabay

Интересот за „копање“ на криптовалути на глобално ниво од ден во ден расте сè повеќе, особено откако Биткоин достигна рекордна вредност од 40 илјади американски долари на почетокот годинава, при што вкупниот пазар на криптовалути надмина 1 билион долари.

Вредноста на Биткоин оттогаш неколку пати порасна и падна, заедно со оние на останатите најпознати и највредни дигитални валути.

Кина во меѓувреме ја избра компанијата која треба да ја популаризира државната криптовалута наречена Јуанпеј, a со тоа им се придружи на останатите неколку држави во светот кои веќе лансираа или планираат да воведат свои електронски валути.

Но, иако светот на криптовалутите постои повеќе од една деценија, нивната популарност кулминираше деновиве, а анкетата која Новинската агенција „Мета“ ја спроведе заедно со Студентарија на Инстаграм, покажа дека повеќе од 70 отсто од испитаниците одговориле дека многу малку или воопшто не се запознаени со криптовалутите.

Само 6,4 отсто одговориле дека многу добро се запознаени со Биткоин, Етериум, Лајткоин и слични.

Иста е ситуацијата и со Blockchain, системот на прибирање информации кој го користат најголем дел од криптовалутите. Високи 76 проценти од испитаниците рекле дека многу малку или воопшто не се запознаени со неговиот концепт.

Сепак, помеѓу младите во државата кои одговориле на анкетата има и такви кои веќе се занимаваат и инвестираат во криптовалутите, но нивниот процент е многу мал – само 9 отсто.

Тоа значи дека помеѓу младите кај нас сепак има интерес за светот на дигитални валути. Но, 77,7 отсто од испитаниците се согласуваат дека на македонски јазик нема доволно информации за криптовалутите.

На прашањето дали е поризично да се инвестира во акции на берза или во криптовалути, мислењата на младите се поделени: 23,8 отсто сметаат дека инвестирањето во акции на берза е поризично, а само еден процент помалку,односно 22,7 посто од нив сметаат дека криптовалутите носат поголем ризик. За речиси 30 отсто од младите и двете инвестиции се подеднакво ризични.

Сепак, 18 посто од нив рекле дека е многу веројатно во блиска иднина да инвестираат во криптовалути. На овој чекор донекаде е веројатно да се одлучат 22,6 отсто од младите, додека 23 проценти се сигурни дека во догледно време нема да инвестираат во криптовалути.

Во однос на нивната иднина, 46 отсто сметаат дека за десет години отсега криптовалутите ќе бидат нашироко прифатени и користени како платежни средства. 33,4 отсто пак, рекле дека немаат мислење по ова прашање.

И покрај сè, најголем дел од младите во Македонија не би се откажале од плаќањето во готовина. Од друга страна, 27,5 отсто  од оние што одговориле сметаат дека е подобро доколку не постои кеш.

Анкетата беше спроведена во периодот од 13-14 јануари годинава, преку инстаграм профилот „Студентарија“. На неа одговорија вкупно 2.402 испитаника, па иако не станува збор за професионално спроведена анкета, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика за мислењето на младите во однос на криптовалутите.