fbpx

Oнлајн наставата – тест за дигиталната (не)писменост на наставниците, децата и родителите (2)

-

Секој наставник во државава, наоѓа најразлични начини да ја предаде материјата предвидена со наставната програма. Во услови на вонредна состојба, кога лекции не се предаваат во училница, наставниците се принудени да комуницираат онлајн со нивните ученици.

Има наставници кои само испраќаат што треба да се учи за цела недела и потоа чекаат домашни задачи од децата на мејл, а има и такви кои активно користат веб-платформи и бараат најразлични начини за на учениците да им бидат интересни онлајн часовите.

Колку нашите просветници се подготвени за овој предизвик? Како се снаоѓаат? Каква е ефикасноста од учењето на далечина? Колкав проблем е дигиталната неписменост во целиот процес? На овие прашања, одговори побаравме токму од нив, од практичарите.

Зорица Милкова, одделенска наставничка во „Тошо Велков Пепето“ во Кавадарци, си пронашла алатки кои ги користи за да биде во комуникација со учениците. Таа се обучила за тоа преку вебинар.

– Сега користам и Microsoft Teams, плус користам и една одлична алатка која ми користи за оценување преку тестови и работни ливчиња. Тоа е Livesheets. Учењето е ефикасно за учениците кои имаат услови за тоа, односно имаат дома компјутери и Интернет. Со другите ученици ни оди потешко. Се организираме за преземање на испринтани материјали. Се снаоѓаме. Домашните задачи ми ги испраќаат преку Вибер – вели Милкова.

Кога станува збор за проверка на знаењата, Милкова вели дека си прават онлајн квизови, а ги прашува и усно.

– Имаме и испрашување преку Zoom, но и усно и преку квизови. Описна оценка не е проблем да се формира, сепак си ги познаваме децата. Мислам дека нам наставниците и тоа како ни е потребно дигитално описменување. И меѓу нас има колеги без компјутери и не е во ред сами да се снаоѓаме. Сакам да се заблагодарам на нашиот сограѓанин Борче Стаменов, познат по хуманитарните акции „Донирај компјутер“, кој во овие тешки денови на мои ученици, а и на многу други им подари компјутер. Замислете колку радост и воедно олеснување за нив и за мене претставува тоа – додава наставничката.

Според неа, Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на образованието треба да се организираат и да најдат обучувачи кои навистина знаат да обучат.

Наставничка од едно скопско основно училиште, која не сакаше да ја именуваме, е на став дека живиот збор на наставникот не може ништо да го замени.

– Онлајн наставата е добра опција во услови кога немате друга. Наставниот процес и вака се одвива. Но, непосредната комуникација во училницата, начиниот на кој детето ги пишува буквите, како ги поврзува зборовите, дали правилно изговара и акцентира, тоа не може да го замени онлајн наставата. Колку и наставникот да се труди, ова не може да го постигне на далечина. Aко некое детенце се разочара и не знае како до решение, во училницата е полесно затоа што сум до него, па ќе го охрабрам и мотивирам – вели наставничката.

Таа со своите ученици комуницира преку вибер. Им дава насоки на учениците, а домашните задачи си сликаат и ги праќаат на мејл.

– Точно е дека е проблем дигиталната (не)писемност на наставниците. Но знаете, сите ние имавме можност да се описмениме преку обуки за ИКТ настава кои се случуваа пред неколку години. Можеа многу колеги да научат да работат на компјутери, но многумина одбиваа да научат. Еве сега дојде време кога тоа е потребно, па сега незнаењето им е пречка. Сепак, други проблем е и што не секој наставник дома има слушалки, звучници – ја немаат потребната опрема за да можат квалитетно да ги држат онлајн часовите – вели таа.

(Утре: Како ќе се оценуваат децата?)

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Жена од кочанско Оризари пронајдена удавена во канал за наводнување

Осумдесет и деветгодишна жена од селото Оризари, Кочанско, утрово била пронајдена удавена во канал за наводнување во близина на селото, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР). Удавената жена ја пронашол...