Oнлајн наставата – тест за дигиталната (не)писменост на наставниците, децата и родителите (1)

Пандемијата на корона вирусот затвори милиони ученици и студенти ширум светот во своите домови. Тие се принудени и да учат од дома зашто немаат друга опција, а тоа е нешто што е предизвик не само за нашиот образовен систем, туку и за системите во далеку поразвиените земји.

Многу детски и дневни соби, па и трпезарии периодов се претворени во мини училници, катчиња во кои децата преку своите лаптопи или смартфони онлајн следат часови. Оваа, за нас, нова пракса на учење, ја вади на површина (не)креативноста, но и дигиталната (не)писменост на наставниците, а во исто време го тестира и трпението на родителите.

Како е да се учи од дома? Кои начини и алатки се користат при учење на далечина? Колку е ефикасна наставата? За ова, прашавме неколкумина родители на ученици кои ни опишаа како изгледа наставата во време на Kовид-19. Искуствата се најразлични, а од она што го добивме како одговор, може да се заклучи дека сѐ зависи од волјата, подготвеноста и посветеноста на наставниците.

„Кај нас наставата не функционира никако и тоа ми создава нервоза. На платформата објавуваат еднаш неделно што треба да се работи и толку. Нема никакво објаснување од наставничката. Ние треба да ја прашуваме, но таа како да нема интерес и волја да ни објасни. Сега, по ново, според распоредот на часови, треба секојдневно да праќаме сработени задачи“, вели А. С., мајка на третоодделенец во училиште во Скопје.

Има и родители кои пак, сосема одбиваат нивните деца да ги исполнуваат обврските.

„Не фотографирам, не праќам. Ѝ реков на наставничката дека за мене ова е стрес поголем од нивниот. Не сте имале близнаци и не знаете како е кога во иста секунда поставуваат две различни прашања, лудило ме фаќа. Според мене, оваа онлајн настава е глупост, тоа го прават за да се одржат во знаење и ништо повеќе“, смета Б. Ј., мајка на близнаци.

Многу наставници одлучиле да не користат веб-платформи, туку едноставно ги фотографираат темите предвидени да се сработат во текот на една недела, па им ги праќаат на учениците преку родителите. Потоа го добиваат сработеното на мејл.

„Нашата наствничка во групата на Фејсбук што ја имаме секој ден објавува план за сите часови по распоред. Она што им го пишува на табла на час, тоа пишуваат во школската тетратка и плус имаат и домашни задачи. Ова не ја заменува класичната настава, но е подобро од ништо. И секако олеснување е што сме дома, бидејќи ако сме на работа, децата тешко дека сами ќе сработат. Ќерка ми е трето одделение. Сликаме и праќаме тоа што го работиме“, вели Х. С. Од Свети Николе.

Од искуствата кои родителите ги споделија со нас, наставниците неретко го користат Вибер за комуникација, давање инструкции и одржување часови. На е-адресите ги испраќаат материјалите, односно наставните ливчиња.

„Наставничката во вибер група дава инструкции, а на маил испраќа наставни ливчиња. Сработеното го сликаме и оставаме во Фејсбук група, во албум за секое дете. Учеа песничка, ги снимавме и видеото исто таму. Задолжително читање на книга по неколку страници на ден, со изјава потпишана од родители. Второ одделение се, и најмногу работат македонски и математика. Не е тешко зашто учителката ги има ставено децата во ред и без проблем работат, а и материјалот не е тежок за објаснување“, вели една родителка.

Некои родители велат дека децата за онлајн настава користат Zoom.

„Кај ќерка ми во одделенска функционираат подобро, кај син ми во предметна немаат никакви соодветни упатства, ниту пак соодветна комуникација меѓу наставниците и децата. Час од 15 минути не е час, додека да седнат, да се испосмеат сите дека се гледаат на камера, часот завршува. Така е во првиов период, верувам дека за недела – две ќе им стане нормално. Дигитално неписмени има и наставници, но и родители кои не знаат ppt фајл да отворат. Не е тоа проблем, ќе научиме сите, само треба трпение и време, но и да си помагаме сите едни на други“, вели мајка на второодделенец.

Има родители кои сметаат дека ова е сосема нова димензија во односот со децата.

„Ваквиот начин на настава нема многу допирни точки со класичниот. Концентрацијата е помала, а се` друго е поинтересно од дома. Вложениот труд од страна на родителот зависи од тоа кое одделение е детето. Во пониските одделенија нема потреба од многу напор, знаеме да објасниме пишување и сметање. За повисоките одделенија некои работи мора повторно да ги учиме, бидејќи ниту ние не сме ги учеле кога учевме во основно. Имаме нова димензија во односот со децата и тоа е веројатно најголемата придобивка од ситуацијава“, смета Н. Р., татко на двајца основци во училиште во општина Центар.

И додека секој се снаоѓа како умее, на крајот сепак, наставниците ќе мора да најдат и начин да ги оценат учениците. Бирото за развој на образованието веќе изготви упатство, во кое има насоки за пишувањето оценки.

(Утре: Што велат наставниците?)