Онколошките пациенти од внатрешноста на земјата ќе можат да примаат терапија во три градови – Тетово, Битола и Штип, како и во болницата „8 Септември“ во Скопје. Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека во здравствените центри во овие градови веќе има специјалисти онколози, но во иднина ќе се формираат цели тимови кои ќе се грижат за здравјето на болните од карцином додека ја примаат неопходната терапија.
„Проектот е готов и анализираме што треба да направиме за да ги оспособиме целосно овие центри. Во Битола има просторни можности, ќе треба само да се купи ЦТ симулатор и да започне примената на терапијата. Готови се и протоколите кои ќе им бидат објаснети на сите центри, а ќе треба и дополнителна обука за докторите и медицинскиот персонал. Мора да сме претпазливи и сакаме новите чекори кои ги преземаме да бидат безбедни за сите пациенти“, рече Алиу.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски вели дека првиот чекор во децентрализацијата на онколошкото лекување е направен со додавање на два лека од болничката листа кои сега можат да се најдат во секоја аптека.
„Над 2.500 пациенти со рак на дојка веќе нема да мораат да одат четирипати годишно во Клиниката за онкологија по терапија бидејќи ќе ја има во секоја аптека, а и клиниката ќе има над 10.000 прегледи помалку“, рече Клековски.
