ОН одлучи: Пристапот до „безбедна, чиста, здрава и одржлива средина“ е основно човеково право

Фото: Martin Sepion на Unsplash

Советот за човекови права на Обединетите Нации (OHCРХ) вчера го призна пристапот до чиста, здрава, безбедна и одржлива животна средина за основно човеково право. Ова е прва ваква одлука од светската организација.

Гласањето минало со огромно мнозинство и покрај критиките од одредени држави пред одржување на состанокот на Советот, меѓу кои и САД и Велика Британија. Резолуцијата предложена од Костарика, Малдиви, Мароко, Словенија и Швајцарија е изгласана со 43 гласа. Според соопштението за јавноста единствено Русија, Индија, Кина и Јапонија биле воздржани.

„Ова има огромен потенцијал во свет каде глобалната еколошка криза предизвикува повеќе од 9 милиони предвремени смртни случаи секоја година“, вели Дејвид Бојд, специјалниот известувач на ОН за човекови права и животна средина, кој ја нарече одлуката „историски исчекор“, пренесе Ројтерс.

Одлуката исто така воведува функција на специјален известувач за влијанието врз човековите права од климатските промени.

Резолуцијата, која првично беше дискутирана во 1990-тите години, не е правно обврзувачка, но има потенцијал да ги промени глобалните стандарди.

Според проценките на Светската здравствена организација, секоја година 13,7 милиони смртни случаи, или околу една четвртина од вкупната светска бројка, се поради еколошки ризици како што е аерозагадувањето или изложеност на штетни хемиски супстанци.