fbpx

ОН брои жртви во Украина, Москва ја прекинува испораката на нафта за земјите кои ја ограничија цената

-

Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОН) објави дека во руската војна против Украина досега загинале 6.884 цивили, вклучувајќи и 429 деца во периодот од почетокот на руската агресија на 24 февруари до 26 декември 2022 година, пренесува Гардијан.

Од ОН додаваат дека бројката на загинати цивили во Украина е „значително поголема“ од овие бројки, бидејќи приемот на информации за убиените лица е отежнат од локациите каде што се водат интензивни непријателски дејства, но и многу извештаи за загинати цивили чекаат на официјална потврда.

Само во изминатово деноноќие во Украина биле повредени осум цивили како резултат на руските воени дејствија врз населени места, јавува Укринформ. Најжестоки борбени дејствија се водат на фронтот во Донецкиот и Луханскиот регион, а најинтензивни ракетни напади имало врз Херсонскиот регион, при што градот Херсон бил ракетиран во 50 наврати изминативе 24 часа, пишува Укринформ.

Ракетни напади од руските сили имало и врз градот Харкив, додека уништени или оштетени куќи и други цивилни објекти имало и во Днипропетровскиот регион во Никопол и неговата околина.

Паралелно со директната воена агресија во Украина, Русија се одлучи да ја продлабочи и светската енергетска криза преку најновата одлука на претседателот Владимир Путин да ја запре продажбата на сурова нафта на земјите кои учествуваат во ограничувањето на цената на руската нафта, на која е поставен „капак“ од 60 американски долари. Указот на Путин влегува на сила 1 февруари 2023 година и ќе трае до 1 јули 2023 година.

Весникот Гардијан пишува дека Русија е вториот најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија и секое нарушување на продажбата на нејзината нафта би имало далекусежни последици за глобалното снабдување со енергија. Ограничувањето на цената на руската нафта од меѓународната заедница е невиден потег, дури и во времето на Студената војна меѓу Западот и Советскиот Сојуз. ЕУ и земјите од Г-7 го воведоа ограничувањето на цената на руската нафта за да ги намали приходите на официјална Москва за воената агресија врз Украина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...