Олза Олзета победи на Европското слем-првенство, Трпчески со „Духот на тишината“ не влезе во финале

Игор Трпчески
Од изведбата на „Духот на тишината“ на Игор Трпчески / фото: од финалето на Европското слем-првенство

Олза Олзета од Шпанија е победничка на седмото Европско слем-првенство кое годинава се одржа целосно онлајн во организација на Младинскиот културен центар во Марибор, Словенија и СиСлем – словенечката мрежа за слем-поезија. Таа во полуфиналето настапи со поемата „Бегам“ (Huyo), додека победничката изведба ѝ беше насловена „Трахеотомија“ (Traqueotomía).

Годинава слем-првенството за првпат се одржа онлајн. Однапред снимените изведби на 19 национални претставници беа премиерно прикажани во текот на двете вечери, по што беа оценувани од страна на жирито. Жирито ги бодуваше текстовите и начинот на изведба со поени од еден до десет, при што се исклучуваа највисоката и најниската дадена оцена и се извлекуваше средната вредност, која понатаму служеше како параметар за квалитетот на изведбата и текстот. Можност да гласаат имаа и гледачите кои на социјалните мрежи можеа да ги следат првото и второто полуфинале, како и финалната вечер која се одржа во саботата.

Македонскиот претставник Игор Трпчески не се пласираше во финалето на Европското слем-првенство. Тој ја изведе поемата „Духот на тишината“ во второто полуфинале и освои вкупно 23,8 поени од жирито.

Изведбата на Трпчески може да се погледне во 43-тата минута од видеото подолу.

Слем-поетесата Елена Пренџова, која беше дел од петчленото интернационално жири, вели дека е задоволна од професионалноста, организацијата и координацијата на целиот онлајн настан.

„Ова седмо слем првенство не само што влезе во историјата по тоа што за првпат е целосно онлајн, туку и за првпат понуди хибрид од дела- медиумот како дело и делото на слем поезијата и тука имаме чекор напред кон слем уметноста како перформативна уметност. Слемот секогаш го дефинираме како изведба на авторска поезија или авторски текст на сцена, но овојпат имавме и изведба на авторски текст пред камера. Ова е многу значајно за европската слем сцена“, вели Пренџова.

Таа додава дека очекува ова искуство да  влијае на начинот и  стилот на изведбите на самите изведувачи и изведувачки и дека  ќе им донесе нови свежи идеи кои ќе можат да ги вметнат во нивните изведби на сцена во иднина.

Инаку, за македонски претставник на европскиот слем кој ќе се одржи во 2021 година е избран Ненад Јолдески од Струга, а овогодинешниот победник Зоран Димоски ќе биде национален претставник во 2022 година. Поместувањето во изборот на националните претставници се случило поради пандемијата која довела до откажување на слем-првенството што во 2019 година требало да се одржи во Милано, Италија.