Олаф Шолц го одби повикот за реформа на германските гранични закони и го одбрани правото на азил

Директно осврнувајќи се на нападот во Ашафенбург минатата недела, тој го нарече „одвратен, монструозен злостор“ и изјави дека многу граѓани се чувствуваат „длабоко вознемирени“ од повторените случаи „во кои сторителот ја злоупотребил нашата заштита

Фото: Мета.мк
Германскиот канцелар Олаф Шолц го одбрани правото на азил во Германија, одбивајќи повици за радикална реформа, пренесува Гардијан.

„Правото на азил е составен дел од нашиот правен и вредносен систем. Не смееме да се откажеме од него денес.“, изјави канцеларот Шолц.

Директно осврнувајќи се на нападот во Ашафенбург минатата недела, тој го нарече „одвратен, монструозен злостор“ и изјави дека многу граѓани се чувствуваат „длабоко вознемирени“ од повторените случаи „во кои сторителот ја злоупотребил нашата заштита. Тоа беше некој што не требаше повеќе да биде тука или барем не на слобода,“ додаде тој.

Наведувајќи го нападот во Ашафенбург како најнов во низата напади од мигранти – во Манхајм, Золинген, Магдебург и Ашафенбург – Шолц изјави дека го разбира шокот и загриженоста на граѓаните, како и огорченоста поради фактот што „уште еднаш“, нападот бил „извршен од некој што не требаше да биде тука,“ алудирајќи на тоа дека во неколку случаи, сторителите требало да бидат депортирани, но тоа не се случило.

„Го разбирам секој што вели: ‘Доволно е’“, посочи Шолц, додавајќи: „И јас сум бесен“.

Но, тој истакна дека сите четири напади „можеле да се избегнат“ според постојните закони, кои беа заострени под неговата влада, доколку властите во соодветните сојузни држави – сите управувани од ЦДУ/ЦСУ – ги спровеле брзо и ефикасно.

Шолц истакна дека под неговата влада биле извршени многу повеќе депортации, вклучително и авиони со Авганистанци осудени за злосторства во Германија, нагласувајќи дека Германија е „единствената земја во Европа која успеала да депортира криминалци во Авганистан. Проклето е тешко со талибанска влада, но ние го направивме тоа.“

Тој го повика Мерц да не падне во замката на потпирање на АфД за поддршка на неговите предлози за заострување на германската миграциска политика, наведувајќи посебно писмо од лидерите на протестантската и католичката црква во Германија, кои предупредиле дека партијата се оддалечува од „христијанското“ во нејзиното име со поддржување на таквите предлози.

Шолц, исто така, предупреди за случувањата во соседна Австрија, каде што, според него, конзервативците ги прекршиле предизборните ветувања дека нема да соработуваат со крајната десница ФПО, австрискиот еквивалент на АфД, но сега се на работ да влезат во коалиција со неа.