Владите на Србија, Македонија, Хрватска, Унгарија и на Бугарија мора веднаш да ги истражат сите кривични дела извршени врз мигранти, вклучувајќи и бегалци, и да преземат мерки за спречување на вакви случаи во иднина, се вели во новиот извештај на британската хуманитарна организација „Оксфам“.
Во извештајот се бара владите на овие земји итно да престанат со илегалните одвраќања и со колективните протерувања на мигрантите и да го осигураат правото на луѓето, на кои им е потребна меѓународна заштита, да имаат пристап до фер и ефективна процедура за азил.
Во документот на хуманитарната организација, подготвен врз основа на интервјуа со 140 мигранти, се тврди дека многу од нив, кои минале низ т.н. балканска рута, биле тепани, ограбени, понижувани и апсени.
„Белградскиот центар за човекови права“ и „Македонската асоцијација на млади адвокати“ во периодот од 30 јануари до 17 февруари ги интервјуирале бегалците, меѓу кои имало и деца.
„Собрани се сведочења со наводи за систематска злоупотреба и за брутален третман (на мигранти и на бегалци) од полицијата, граничната полиција и од други службени лица“, стои во извештајот.
Ваквите брутални тактики, се додава во него, намерно се користат за да се принудат бегалците да се вратат во земјата низ која претходно транзитирале или да заминат во друга земја, без да им се даде шанса да побараат азил.
Извештајот на „Оксфам“ бил доставен до Европската комисија, од која се бара да реагира и да обезбеди почитување на меѓународното право.