Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), преку вонредна проверка, регистрирал 537 ученици во прво одделение кои ги немаат примено сите вакцини или имаат некомплетен вакцинален картон, што најчесто значи дека имаат примено вакцина, но не и ревакцина. Процентуално земено, тоа се нешто повеќе од три отсто од вкупниот број на првачиња, односно 16.856.
Поединечно земено, од овие 537 ученици, 139 првачиња немаат примено вакцини, а 398 првачиња немаат комплетен вакцинален картон. Во изјава за „Мета.мк“, директорката на инспекторатот Ирина Бухова вели дека сега, инспекторите проверуваат дали родителите на овие 537 дечиња биле повикувани во вакциналните пунктови, односно дали биле повикани на „порамнување“ или дали платиле парична казна предвидена со закон во ваков случај.
„Претпоставувам дека се повикани бидејќи се ова школски деца. Казната се движи од 300 до 600 евра, со тоа што имаат можност, ако платат во рок од осум дена, казната да се преполови. Ако казнaта воопшто не се плати, поднесуваме барање за прекршочна постапка и понатаму судот одлучува“, информира Бухова.
Пред извесно време, директорот на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) Томе Спировски информираше дека за родителите на учениците во прво одделение кои не се дел од образовниот систем, инспекторатот покренал одредени постапки. И просветните инспектори, паралелно со здравствените, на терен проверуваа колку првачиња не се дел од образовниот систем.
„ДПИ врши надзор во училиштата во врска со упис на ученици во прво одделение. Во таа постапка меѓу другото се утврдува и кои ученици од кои причини не се запишани. За родителите кои не ги исполниле обврските, ќе покренеме постапка согласно член 61 од Законот за основно образование, каде стои што се презема во случај родителот да не ја исполнил обврската неговото дете да биде вклопено образовниот систем. За тие родители ќе преземеме соодветни мерки. Прва мерка е едукација, ќе ги повикуваме и ќе ги едуцираме, а ако одбијат, предвидена е казна од 200 евра. Но, треба да се знае дека покрај тоа што ќе треба да плати, родителот ќе има и задолжителна обврска да го запише детето, односно да го вакцинира за да може да го запише“, вели директорот на инспекторатот.