Министерот за надворешни работи Никола Димитров извести дека околу 2.300 граѓани се затечени на граници и на аеродромите и чекаат да бидат вратени дома.

Тие се низ целиот свет но со најголема концентрација во европските држави. Димитров информираше дека на Влада е донесена одлука да се организираат хуманитарни летови за да се вратат дома, а обврската е 15 дена да бидат во задолжителен државен карантин.

„Ги повикувам сите граѓани кои не се пријавиле, тоа да го сторат на е-маил или телефонски броеви на конзуларните претставништва, најдоцна до 18 часот во недела. Потребна ни е прецизна евиденција за да се организираат хуманитарните летови, кои нема да бидат пракса, туку само овој период“, рече Димитров.

Тој информираше дека вчера со Црна Гора се обиделе да донесат група на 70 македонски државјани од Истанбул, со хуманитарен лет организиран од црногорската влада, но пријавените во Конзулатот кога разбрале дека треба да бидат во државен карантин, се откажале од враќањето дома. Имајќи го предвид ова, Димитров рече дека таа бројка од 2.300 по границите ќе варира.

Министерот исто така информираше дека се прават обиди со државите од ЕУ да нема правни последици врз нашите државјани кои се затекнати во Шенген зоната, а го пречекориле рокот од 90 дена за престој таму.

Владата исто така прави напори парите од ИПА кои ги има државата, да се пренаменат за борба против корона вирусот и станува збор за отприлика 58 милиони евра.