По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Узурпација на недвижности од член 225 од Кривичниот законик. Обвинетиот 47-годишник, сопственик и управител на обвинетото правно лице, зазел во владение туѓа недвижност – земјиште позади Здравствен дом Скопје – Поликлиника Битпазар.
„Земјиштето во државна сопственост, а доделено со право на користење на здравствениот дом и предвидено како имот во општа употреба во Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, обвинетиот го користел како импровизиран паркинг простор. Во име и за сметка на правното лице поставил рампа и пункт за наплата и ангажирал едно лице да врши наплата по цена од 50 денари за 90 минути користење, со што го ограничил и го контролирал влезот и излезот на земјиштето. Заедно со обвинението, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и посебен предлог за изрекување мерка на претпазливост – забрана за преземање определени работни активности, односно забрана да го користи предметното земјиште“, наведено е во соопштението од Обвинителството.
Минатата година во јуни, „Порталб“ објави дека е узурпиран паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“, а дека одговорните во општина Чаир дозволуваат парите на граѓаните нелегално да завршат во приватни џебови.
„Зад објектот на поликлиниката во Бит Пазар граѓаните се принудени да плаќаат паркинг и покрај тоа што парцелите се во државна сопственост и се узурпирани. Парите на граѓаните наместо во касата на болницата, општината или државата, незаконски завршуваат во џебовите на приватни лица. Со години наназад општина Чаир и општинските инспектори дозволуваат да се одвива една ваква активност и не реагираат за ослободување на окупираното земјиште. Никој од надлежните власти кои треба да го штитат државниот и граѓанскиот интерес не реагира“, објави „Порталб“.