Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара од Кривичниот суд да им го продолжи притворот на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.
Обвинителството, како што денеска соопштија оттаму, бара продолжување на притворот на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, Богдан Илиевски – Бетмен, актерот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски, пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и куќните притвори на Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски и на уште дваесетина осомничени.
Единствено промени има кај пратеничката Жаклина Пешевска, поранешниот директор на Македонска опера и балет, Игор Дуловски и за службеничката од Собрание, Елена Доцевска-Божиновска за кои Обвинителството бара поблаги мерки.
„Надлежниот обвинител побара од судот за лицето Ж.П да биде укината мерката куќен притвор и истата да биде заменета со мерки на претпазливост, а за осомничените лица И.Д. и Е.Д.Б мерката притвор да биде заменета со мерка – куќен притвор. За останатите осомничени лица обвинителството останува на барањето за продолжување на претходно изречените мерки за обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка“, стои во соопштението од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Ова е второ продолжување на притворите на осомничените за 27 април. Претходно тие беа продолжени од Кривичниот суд на 27 декември, минатата година, а беа потврдени и од Апелацискиот суд Скопје, кој ги одби жалбите на сите осомничени, заклучно со последната на Борис Дамовски, за која Апелација одлучуваше вчера.