Јавното обвинителство во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи во документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април, туку, напротив, во согласност со законот, дава наредби за нивно откривање и ќе постапи по сите кривични пријави со кои се документирани потешки кривични дела, се вели во реакцијата на Јавното обвинителство, на обвинувањата дека „млако“ ја води истрагата за насилствата во Собранието.

Оттаму велат дека Основното јавно обвинителство Скопје досега имало примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи само против лица осомничени за насилно влегување во Собранието и за спречување службени лица во вршење на својата функција. Според Обвинителството, досега кај нив МВР не поднело кривична пријава „за ниту едно друго кривично дело“.

„Нагласуваме, Основното јавно обвинителство од Министерството за внатрешни работи нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување лесни или тешки телесни повреди и други дејства. Доколку Министерството за внатрешни работи поднесе документирани пријави за потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, спрема нив ќе следуваат сразмерни мерки“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Од Обвинителството додаваат дека самите преземаат дејства за документирање на целиот настан, но дека поради обемноста на бројот на претходно пријавени лица и на дејствата кои треба да се преземаат, „генерално, обвинителството работи во отежнати услови“.

„Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, до овој момент јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање сторители на потешки кривични дела, но за нив Министерството за внатрешни работи нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту обвинителството е известено за нивното постапување“, велат од Обвинителство.

Оттаму додаваат и дека се лимитирани во откривањето на криминалот и на сторителите на кривичните дела поради „неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка на криминалот“.

„Оваа неусогласеност е по исклучива вина на Министерството за правда, кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на јавното обвинителство за измена на Законот за јавно обвинителство, со која би биле овозможени претпоставките јавното обвинителство да постапува и во смисла на откривање на кривичните дела“, велат од Обвинителството.