Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово денеска потврди дека лицето кое синоќа го уби 36-годишниот полицаец Г.С. било психички болно и повеќепати хоспитализирано.

„Станува збор за лице кое претходно повеќепати било хоспитализирано за психијатриско лекување. Последен пат од Психијатриската болница во Скопје бил пуштен дома на 25 јули 2016 година, на барање на неговиот татко“, стои во соопштението од обвинителството и се додава дека за приведениот напаѓач ќе побараат да се предложи мерка притвор.

Кумановската полиција синоќа по дојава за семејно насилство отишла да изврши увид во населбата Средорек. При интервенцијата, пријавениот за семејно насилство ги нападнал четворицата полицајци кои дошле во неговиот дом, при што на едниот му нанел убод со нож во пределот на грбот.

Поради сериозноста на повредата полицаецот, 36-годишниот Г.С. им подлегнал на раните. Веднаш по увидот на местото, надлежниот обвинител издал наредби за обдукција на починатото лице и за вештачење на трагите и на материјалните докази пронајдени на самото место.