Основното јавно обвинителство (ОЈО) ги комплетира и материјалните докази за кривичното дело Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик за кое е отворена истражна постапка против две лица во предметот за случајот „Јавна соба“.
„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Истрагата во овој предмет е во тек и е во завршна фаза. Надлежниот јавен обвинител ги повика двајцата осомничени да бидат испитани во Јавното обвинителство, а ќе следи и увид во доказите од одбраната. Воедно Јавното обвинителство ги комплетира и материјалните докази за кривичното дело за кое е отворена истражната постапка, по што ќе следува донесување на јавнообвинителска одлука“ велат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека предметот „Јавна соба 2“ е во фаза на предистражна постапка, а основното јавно обвинителство Скопје преку Министерството за внатрешни работи на 27.1.2021 година се обратило до Меѓународниот сервис провајдер за услуги – Телеграм за да ги добие реалните податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата.
„До овој момент од социјалната мрежа „Телеграм“ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група. Од тие причини, Јавното обвинителство ги искористи и механизмите на меѓународна правна помош, па согласно позитивните домашни и меѓународни прописи, податоците ги побара од Обединетото Кралство“ соопштија од ОЈО.
За утврдување кривична одговорност во групата „Јавна соба 2“, согласно својата надлежност, постапуваат повеќе јавни обвинителства во државата, при што се издадени наредби за вештачења и барања за обезбедување податоци.
Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со „Јавна соба 2“ оформен е предмет и донесена е Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење на основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а став 3 во врска со став 2. Имено, при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија.
Во Основното јавно обвинителство Битола исто така е оформен предмет во врска со „Јавна соба 2“. Обвинителството издаде наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази и утврдување на факти во предметот. По пристигнување на извештајот од извршеното вештачење ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката.
Се постапува и во Кавадарци, каде во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали.
Освен во овие обвинителства, оформен предмет има и во Основното јавно обвинителство Прилеп, каде од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.
„Во зависност од обезбедените вербални и материјални докази во текот на претходната постапка овие предмети поврзани со групата „Јавна соба 2“, ќе биде одредена и правната квалификација која ќе произлезе за наведените кривично-правни настани“ потенцираат од ОЈО Скопје.
Меѓу другото, од ОЈО велат дека ги поддржуваат предлозите за дополнување на Кривичниот закон.
Тие воедно ги охрабруваат оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела.
Сепак од Платформата за родова еднаквост не се задоволни од дејствувањето на државните институции во врска со постапувањето во случајот „Јавна соба“. Тие неколку пати протестираа барајќи конкрени резултати и санцкионирање на сторителите на кривичните дела во случајот, а за денеска најавија и протестен марш кој ќе започне пред Министерството за внатрешни работи во 15 часот, а ќе заврши во Парк Жена Борец.
Од Платформата претходно имаа и излагање пред ОЈО каде истакнаа дека нема да прифатат префрлање на одговорноста од една кон друга институција, туку инститираат на сеопфатни, ефикасни резулати до 8 март, што подразбира кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Како и гонење за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење на проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот.