Фото: Pixabay.com

Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – повреда на семејни обврски, што е предвидено и казниво според член 203 став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар, доставил и предлог за определување мерка притвор за 36-годишната осомничена. За наведеното кривично дело во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

„Осомничената, во текот на 2021 година, со груба повреда на своите законски семејни обврски го малтретирала своето дете на возраст од 7 години, кое го врзувала со синџир и катанец за креветот. На 16 март, во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар, a затоа што било врзано за креветот, детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот“, стои во соопштението на ОЈО Гостивар.

Сѐ уште се работи на утврдување на причините за пожарот, а останатите малолетни деца на осомничената се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар, информираа од ова обвинителство.